Шаќири: Почна второто полугодие, продолжува наставата со физичко присуство

од Stefanija Kuzmanovska
218 прегледи

Второто полугодие од учебната 2022-2023 година вчера почна со физичко присуство во училиштата во сите општини, одложено за неколку дена согласно проценката на МОН и на Владата дека така училиштата подобро ќе се подготват за преостанатиот дел од годината.

„Успешен старт на второто полугодие од учебната 2022-2023 во сите општини и училишни објекти. Продолжува наставата со физичко присуство, испораката на нови учебници и реализацијата на низа капитални инвестиции. На сите ученици им посакувам успешно продолжение на образовниот процес. Многу нови знаења, вештини и лесно надминување на предизвиците на патот кон надградувањето и остварувањето на личниот потенцијал. На наставниците им посакувам успешна и креативна настава и максимална заложба и посветеност кои оние кои треба да го предводат општеството во иднина“, објави министерот Јетон Шаќири на Фејсбук.

Тој ветува целосна заложба на МОН за подобрување на сите аспекти на воспитно-образовниот систем и дека главна цел останува подобрување на условите за едукација.

„Како клучни приоритети ќе ги наведам процесите за продолжување на тековните и отпочнување на низа нови инфраструктурни инвестиции во општините каде се нотирани најголеми потреби од вложувања, а во над 100 училишта во сите општини ќе се подобри ИТ-инфраструктурата и ќе се изградат пристапни рампи. Ќе продолжи испораката на веќе одобрените и набавката на нови учебници за основното и средното образование. За наставниот кадар ќе продолжи процесот на професионален развој, преку тековно спроведување на обуките предвидени во планот за 2023 година, за надградба на нивните знаења и вештини во различните подрачја“, наведува Шаќири.

Слични содржини