Шабани: Резултатите од изборите во Турција покажаа растечки тренд на популистичкиот исламизам и национализам

од Nikola Popovski
568 прегледи

На парламентарните избори мнозинството го освои коалицијата околу актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, но за претседателот сепак ќе се одлучува во вториот круг. Дали борбата се уште е неизвесна или речиси е сигурно дека нов мандат за актуелниот шеф на државата? Што навистина значи ова за Турција? Противникот Кемал Киличдароглу и Ердоган се две различни визии за патот по кој треба да оди Турција. Што ќе значи изборот на едниот или другиот за земјата, за нејзината промена на позицијата, но што ќе значи и за светот и Западен Балкан, се само дел од прашањата што се поставуваат.

Истражувачот на турската политика на Балканот и член на „Хоризон Цивитас“, Самет Шабани за „Локално“ вели дека резултатите од изборите во Турција покажаа солиден растечки тренд на десничарските појави во земјата, особено на популистички исламизам и национализам. Според него, 2/3 на новиот парламентарски состав односно 407 од вкупно 600 пратеници се од десничарски партии (вкупно од владини и опозициските редови).

-Ваквиот исход не е и толку изненадувачки, поради три главни причини: 1. Крајно популистичките политики и наративи користени во последните 5 години од владеењето на Народната Алијанса, особено во безбедносен контекст. 2. Растечката вознемиреност кај турското општество кон последиците од масовната миграција на Сиријци, особено од тие коишто одлучуваат да го продолжуваат својот живот во Турција. 3. Изборна кампања на Народната Алијанса основана во идентитетски наративи (демонизирање на опозоцијата како ‘соработници со терористички групи и Западот’, и ‘поддржувачи на ЛГБТ заедницата’), потенцира Шабани.

Истакнува дека постои голема веројатност дека мнозинството од гласовите на третиот кандидат Синан Оган (крајно десничарски) да се настројат кон Ердоган, а не кон опозицискиот „консенсуален“ кандидат Киличдароглу.

-Сепак, повеќе од гласовите на Синан Оган, би одлучиле околу 10 милиони гласачи коишто не излегоа во првиот круг на гласање. Останува голема дилемата околу тоа Киличдароглу дали ќе успее да ги убеди нив да излезат во вториот круг. Имајќи ги предвид сите овие околности, не очекувам евентуален пресврт во вториот круг, напротив уште поубедлива победа на Ердоган, оценува Шабани.

Посочува дека победата на Киличдароглу на турските избори во Македонија е сосема очекуван резултат поради две по главни причини:

-Особено по наводно обидот за државен удар во 2016 година, политичките противници на Ердоган се иселуваат од Турција ширум европските и балканските земји. Нивните гласови одеа во прилог на Киличдароглу, како и поради трендот на гласање кај помладата генерација Турци, кои што се исто така против Ердоган. Така, мнозинството на турски студенти со престој во Македонија гласаа за Киличдароглу и/или Синан Оган, анализира соговорникот.

На прашањето што евентуална победа на Киличдароглу, би донело во односите со Македонија, Шабани вели дека не би имало промена во основната доктрина на Турција кон Македонија, а тоа е стратешко партнертсво.

-Турција е и секогаш ќе остане стратешки партнер на Македонија. Сепак, би имало значајна промена во приоритетите како и во начинот на продолжување на ова стратешко партнерство. Новите приоритети во дипломатските односи би биле заедничките интереси во однос на членство во ЕУ како и зајакнување на трговските односи, дециден е истражувачот.

Н.П.

Слични содржини