Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неговата земја би можела да го блокира нафтоводот за транспортирање на нафтата од северен Ирак на светскиот пазар.

Ердоган со оваа изјава се обиде да го засили притисокот на курдскиот регион во Ирак каде што денес се одржува референдумот за независност кој што може засекогаш да го промени Блискиот исток и да се роди нова држава во овој регион.
„После ова, ајде да видиме преку кој канал регионалните власти на северот од Ирак ќе ја транспортираат нафтата и каде ќе ја продаваат“, изјави Ердоган за време на говорот на еден форум во Истанбул и порача дека моментално Анкара ја контролира „чешмата“ на ирачката нафта.
„Во моментот кога ќе ја затвориме, тогаш ќе биде готово“, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, иако не рече дека Турција донела конечна одлука за блокирање на нафтоводот преку кој стотици илјади барели нафта секојдневно се транспортираат од северниот дел на Ирак, преку Турција па се продава ширум светот.
Реџеп Таип Ердоган во обраќањето на Генералното собрание на Обединетите нации упати критика до референдумот кој што се одржува денес и тогаш од Њујорк порача: „Новите кризи во регионот, како што се повиците за независност, може да предизвикаат нови конфликти и тоа треба да биде избегнато по секоја цена“.

Ситуацијата на Блискиот исток, иако полека се смирува граѓанската војна во Сирија, и натаму е прилично тензична, а тоа моментално се должи на курдската желба да живеат во сопствена независна држава.
Курдите во Ирак, Сирија и Турција се најголемо етничко малцинство и веќе со децении се обидуваат да направат своја независна држава.
Курдистан во Ирак е создаден во 1970-та година врз основа на договор со тогашните ирачки власти, а истиот беше направен после повеќегодишните борби. Регионот доби статус на автономна област по Уставот во 2005-та година, но и ден денес територијално и административно Курдистан е дел од Ирак.
Доколку Ирачки Курдистан стане независна држава, тоа ќе ја отвори „Пандорината кутија“, а од едно такво сценарио најмногу стравуваат државите каде што живее големо курдско малцинство кое што можеби ќе посака да живее во независната курдска држава.
Познато е дека во југоисточните делови на Турција живее курдското малцинство, а тоа исто така е случај и во соседна Сирија, но и во северните делови на Иран. Токму поради тоа, аналитичарите сметаатдека ситуацијата може да ескалира и на Блискиот исток може да избие нова војна, токму поради идејата за слободна и независна држава на Курдите која што најпрвин ќе отцепи дел од Ирак, а потоа ќе претставува закана за истото да се случи и во Турција, Сирија и Иран.