Шахпаска: Децата со попреченост на возраст од 6 до 18 години ќе добијат лични асистенти

од Andreja Salpe

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на денешната јавна расправа за  предложените измени во  Законот за социјална заштита, во Собранието на Република Северна Македонија истакна дека Личната асистенција претставува индивидуaлна помош и поддршка за лица со потешка и најтешка физичка попреченост и потполно слепи лица, чија цел е независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата и вршење на секојдневните активности.

– Предложените измени во Законот за социјална заштита, во делот на личната асистенција, се однесуваат на  спуштање на возрасната граница од 18 на 6 годишна возраст за услугата лична асистенција, а придобивката од ова законско решение е дополнителни 200 корисници на возраст од шест до 18 години да добијат лични асистенти“, истакна Шахпаска

Услугата лична асистенција може да се користи до 80 часа месечно, истакна министерката Шахпаска, додека поранешни корисници сместени во резиденцијалните социјални институции услугата ќе биде обезбедена до 160 часа месечно, бидејќи на овие лица им е потребна поголема поддршка по излегувањето од институцијата.

„Со воведувањето на меѓународна класификација на функционалноста (МКФ) која ја реализираме во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ООН, попреченоста се третира како човеково право, не како медицинска дијагноза.  Заедно со УНДП работиме на мобилна апликација аудио читач за слепите лица,  кој ќе им овозможи послободно  движење во просторот и посамостојно извршување на секојдневните активности“, додаде Шахпаска.

 

Слични содржини