Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска беше во посета на Општина Берово, при што покрај средбата со градоначалникот Звонко Пекевски, го посети и Дневниот центар за лица со физичка или ментална попреченост и Центарот за социјални работи.
„Денеска сме во посета на Дневниот центар за лица со телесна или ментална попреченост во Берово, каде што беше направено проширување на постоечкиот објект со дополнителни 70 квадрати , а со тоа и зголемување на опфатот на лица, корисници за 10. Со проширувањето на капацитетот, Дневниот центар сега може да одговори на потребите на околу 35 лица со телесна или ментална попреченост,“ информираше министерката Шахпаска.
За изведбата на градежните работи потребни за реновирање на просторот од страна на Министерството за труд и социјална политика беа издвоени над 920 илјади денари (со ДДВ).
„Дневните центри за лица со попреченост претставуваат еден од облиците преку кои што Министерството за труд и социјална политика, овозможува инклузија на граѓаните кои имаат физичка или ментална попреченост. Имено, со секој од корисниците се прави индивидуален план за нивно вклучување во активности кои одговараат на нивните потреби. Кога говориме за концептот едно општество за сите, посочи министерката, тоа значи сите граѓани на еднаква основа треба да учествуваат во општествениот, во јавниот живот, согласно нивните барања,“ истакна министерката Шахпаска.
Таа посочи дека Министерството изминатиот период сериозно работи на повеќе законски решенија. Едно од нив е измените на Предлог Законот за изменување на Законот за социјалната заштита , кој е во собраниска процедура и со кој се овозможува пристап до услугата лична асистенција за децата со попреченост со наполнети шест години возраст, наместо 18 , како претходно. Но, и на законската легислатива на меѓународната класификација на функционалноста, каде што попреченоста согласно Конвенцијата на Обединетите нации , не се дефинира како медицинска дијагноза , туку како човеково право. Притоа, посочи дека во крајна фаза е и подготовката на Правилникот кој што ќе ги адресира барањата врз основа на таа проценка, дали се образовни, социјални, здравствени потреби, за да можат овие лица на рамноправно да учествуваат со останатите граѓани во општеството.
Министерката истакна дека Министерството продолжува и со процесот на деинституционализација, како дел од социјалната реформа, но и други политики кои придонесуваат за уште поголема грижа за сите граѓани.