Шахпаска: Недела ден на неделен одмор ќе генерира мотивирани и продуктивни работници и задоволни работодавачи

од Берта Китинска
325 прегледи

„Недела ден на неделен одмор е законско решение на кое заедно со социјалните партнери, претставници на работниците и на работодавачите, работевме цела година, за што беа оддржани и пет седници на Економско социјалниот совет. Низ инклузивен и транспарентен процес, донесовме најодржливо решение кое ќе стапи на сила од 1 јануари“, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Таа истакна дека ова законско решение овозможува воспоставување на рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот. А тоа ќе придонесе за дополнителна мотивација и зголемена продуктивност на работникот и истовремено ќе генерира задоволство и кај работодавачите.

„Во недела нема да работат 92 проценти од работниците, а тие што ќе работат во недела во оние дејности кои се исклучоци и чие што функционирање е неопходно заради непречено функционирање на државата, ќе добиваат додаток на плата од 50 до 100 проценти повеќе за секој изминат час поминат на работа и дополнително ден за ден за одмор во следните седум дена,“ рече министерката Шахпаска.

Во однос на контролата за доследно почитување на ова законско решение, министерката ја истакна улогата на Државниот инспекторат за труд , кој преку редовни и вонредни контроли ќе го следи почитувањето на законот и работничките права.

Таа посочи дека Законот предвидува и санкции за прекршителите. Работодавачите кои ќе го прекршат законот им се забранува работа од 15 дена, а доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата која редовно ја примаат.

Изминатиот период особено се работеше на зајакнување на човечкиот капитал во Државниот инспекторат за труд , рече министерката, посочувајќи дека за време на пандемија биле извршени дополнителни 100 проценти вонредни инспекциски контроли во однос на почитувањето на протоколите и на работничките права. Изминатиот период Министерството заедно со претставници на работниците, државниот инспекторат за труд и невладините организации кои работат во областа на трудот, одржуваа редовни зум состаноци особени важни за директна комуникација на работниците и трудовите инспектори, со цел поголема заштита на работничките права.

Слични содржини