Шахпаска: Само ако понудиме добри услови за работа и го вреднуваме трудот, ќе ги задржиме работниците

од Vladimir Zorba
191 прегледи

Анализи за тоа колку штети ќе претрпи македонската економија со тоа што недела е неработен ден секако дека правевме и врз основа на тие анализи го креиравме законското решение и ги носевме одлуките. Јавноста знае дека првичната наша идеја беше во недела да не работат трговските центри, моловите. Но, анализите покажаа дека 50 проценти од својот промет трговските центри го остваруваат во недела. Во недела кај нас е присутен и шопинг туризмот, кој исто така дава значаен придонес во целокупната економија. Од тие причини одлучивме дека трговските центри ќе може да работат во недела, но под строго утврдени критериуми. Односно во една смена, со 100 проценти дневница за работата во недела, но и два проценти од прометот остварен во недела овие правни субјекти ќе уплаќаат во државниот буџет до 15 јануари следната година, пари што ќе се инвестираат во изградба на градинки, вели во интервју за МИА министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

„Убедена сум дека работодавачите со добар план и добра организација ќе го продолжат работниот процес без притоа некој да трпи некаква штета. А притоа ќе имаат позадоволни работници, кои ќе бидат попродуктивни. Работниците се најважниот капитал на пазарот на трудот и затоа ние сме должни да го негуваме тој капитал, да го унапредуваме и да го направиме попродуктивен. Само ако им понудиме добри услови за работа, ако нивниот труд го цениме и соодветно го вреднуваме ние ќе ги задржиме работниците овде во Северна Македонија.

Нашата политика е конзистентна од самиот почеток. Порастот на минималната плата за повеќе од шест илјади денари за неполни четири години, како и растот на платите во сите сектори, здравство, социјала, образование е токму во тој правец. Да создадеме задоволни и мотивирани работници“, истакнува Шахпаска.

Слични содржини