Шахпаска: Сега сме поискусни од почетокот на епидемијата во земјата

од Vladimir Zorba

Министерството за здравство, комисијата за заразни болести и Владата од самиот почеток, максимално добро се справуваат со пандемијата на коронавирусот и со почитување на препораките на Светската здравствена организација, се менуваат протоколите и насоките како да се однесуваат граѓаните, здравствените власти и институциите, истакна кандидатката за пратеничка на СДСМ Јагода Шахпаска, во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.

Шахпаска нагласи дека и покрај зголемениот број на новозаразени, кои се должат на семејните собири во изминатиот период, состојбата сепак е под контрола на здравствените власти.

– Скоро 90% од новозаразените припаѓаат на познати кластери во 15 семејства, се тестираат сите нивни контакти и сите се во изолација, а нивната клиничка слика е слаба, се лекуваат во домашни услови, а болничките капацитети не се оптоварени, потенцираше Шахпаска, додавајќи дека врз основа на реални докази бројот на инфицирани ќе се намали.

– Оптимистички, но засновано на реални докази, очекуваме дека бројот на новоинфицирани ќе спласне во сите скопски општини, како и во Тетово, Куманово и Штип, како што веќе се намали во Сарај, каде започна новиот бран, нагласи Шахпаска, додавајќи дека вирусот е нов и непознат, а здравствените власти за него учат во од.

– Коронавирусот е непознат непријател, а борбата со него е непредвидлива, ние се бориме со опасен непријател, но сега сме поискусни од почетокот на епидемијата во земјата, нагласи Шахпаска.

Во врска со целосната забрана на движењето во скопските општини, како и во Куманово, Тетово и Штип, и рестрикциите на движење во останатиот дел од земјата од 16 часот до 5 часот изутрина, Шахпаска рече дека здравствените власти, епидемиолозите ги носат препораките врз основа на строго утврдени протоколи и медицина базирана на докази и истакна дека вирусот не познава политичка и верска припадност.

Таа апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита, носење маска, одржување дистанца, миење на рацете, дезинфекција, нагласувајќи дека вирусот е присутен

-Вирусот ќе биде подолго присутен и апелирам го граѓаните, кога треба да ја стават заштитната опрема да помислат прво на своето здравје, па на здравјето на своите најблиски, на децата на родителите, на луѓето околу нив кои можеби имаат коморбидитети и со тоа да мислат и на јавното здравје, порача кандидатката за пратеничка на СДСМ Јагода Шахпаска, во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.

Слични содржини