Шахпаска: Услугата Помош и нега во домот на стари лица достапна и во руралните средини

од Nikola Popovski
233 прегледи

На Меѓународниот ден на стари лица 1 Октомври, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска ги посети Савета Алексова од с. Двориште и Параскева Страторска од с. Русиново, и двете кориснички на услугата Помош и нега во домот на стари лица. Шахпаска потенцираше дека на средбите со највозрасните граѓани го гледа нивното задоволството. Со децентрализација на социјалните услуги направен е вистински чекор. Денес, возрасните лица помошта ја добиваат во нивните домови каде тие се чувствуваат најдобро. Со ваквата услуга, рече Шахпаска се отвора и можност за нови вработувања на лица кои од пасивна социјална позиција се вклучуваат на пазарот на трудот.

„По неколку часови на ден негувателките се грижат за своите кориснички при облекувањето, хранењето, купувањето на лекови, околу хигиената во нивните домови, но најмногу од се, видов дека со нивниот ведар дух, пензионерските денови на Савета и Параскева им ги прават повесели. Овие директни позитивни искуства од услугата што ја добиваат се потврда на исправноста на политиките што ги спроведуваме како Влада и како министерство. Од овие две посети видов дека синџирот на имплементацијата на услугата нега и грижа во домот на возрасните лица успешно функционира. Им честитам на сите, особено на општината како организатор и на давателот на услугата Установата „Д-р Иван Влашки” бидејќи тие докажуваат дека со добро поставен систем и со посветеност и грижа, може да влијаеме врз подобрување на животот на лицата на кои тоа им е најпотребно”, рече Шахпаска.

Таа посочи дека со новата услуга – помош и нега во домот, Владата и Министерството за труд и социјална политика спроведуваат реформа со која се подигнува квалитетот на животот, се намалува сиромаштијата и се зајакнува човечкиот капитал.

Градоначалникот на Општина Берово Звонко Пекевски изрази задоволство што Берово е една од првите општини каде веќе околу два месеци успешно се спроведува услугата помош и нега во домот, дури и во руралните средини.

„Задоволни сме што имаме можност да им помогнеме на нашите највозрасни сограѓани, организирајќи ја оваа услуга на локално ниво. Преку тоа на најдиректен начин ја докажуваме грижата за нив, а преку нив и за целата заедница. Токму тие во изминатите децении придонесувале кон развојот на заедницата и заслужуваат достоинствен и удобен живот во третото доба”, рече Пекевски.

Оваа услуга е дел од спроведувањето на сеопфатната социјална реформа во земјава, а во рамки на Проектот подобрување на социјалните услуги, што го имплементира МТСП со финансиска поддршка од Светска банка. Берово е една од 16-те општини кои успешно аплицираа на првиот повик на Министерството за труд и социјална политика со проекти за развивање на услугата за помош и нега на стари лица во домот.

Во општина Берово иницијално новата услуга им е достапна на 60-тина лица. Тие добиваат помош при извршувањето на секојдневните активности. Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика засега поддржани се вкупно 19 проекти во 24 општини. Најголем дел од овие проекти (16) се наменети за помош и нега на стари лица во домот, а по еден се за помош на стари лица во дневен центар, за рехабилитација на деца со попреченост и проект за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина. За давање на услугите обучени се 300 лица, а се очекува да бидат опфатени околу 900 корисници.

Министерството за труд и социјална политика наскоро ќе објави нов јавен повик за дополнителни проекти за општините кои не успеале да аплицираат на првиот повик, а за таа потреба континуирано се прави мапирање на потребите на граѓаните.

Слични содржини