Пратениците во Собранието ги изгласаа измените на Законот за работните односи, на кои работевме заедно, а кои се однесуваат на пензионирањето кое влезе во процедура уште од почетокот на ноември минатата година, информира министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Според неа, ова решение остава можност жените да одат во пензија и со навршени 62 години возраст, согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
-Продолжување на работниот однос до 67 години, под строго дефинирани критериуми и постапка, ќе има само за дефицитарните кадри во здравството и во високото образование. На овој начин отвораме можност за вработување на младите, но и ја намалуваме бројноста во администрацијата. Законот ќе почне да се применува од 30 јуни 2022 година. На овој начин, за граѓаните кои веќе го стекнале правото да го продолжат својот работен век, обезбедуваме можност да го остварат веќе стекнатото право, објави Шахпаска.