Дигитализацијата на државната администрација е наш врвен приоритет во овој мандат. Со заклучок на Владата, како претточка на секоја владина седница е токму дигитализацијата!, соопшти министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири.
После извршени интензивни консултации со чинители од земјава и странство, го поставивме на ЕНЕР Законот за безбедност на мрежи и информациски системи, со што, за првпат во Република Северна Македонија ќе се основа Дигиталната агенција – како главен двигател на процесите кон дигитално општество и администрација. Мрежите и информациските системи, а пред сè Интернетот, играат суштинска улога во олеснувањето на прекуграничното движење на стоки, услуги и луѓе. Поради таа транснационална природа, значителни нарушувања на овие системи, без разлика дали се намерни или ненамерни и без оглед каде се случуваат, може да влијаат и врз Република Северна Македонија, вели тој.
Затоа, безбедноста на мрежните и информациските системи е од суштинско значење за непречено функционирање на внатрешниот пазар. Имајќи предвид дека во Република Северна Македонија отсуствува правна регулатива во оваа област, се наметна потребата за изготвување на овој закон. Дополнително, со истиот се транспонира Директивата (ЕУ) 2016/1148 на Европскиот парламент во однос на мерки за висок општ степен на безбедност на мрежи и информациски системи низ Унијата, односно НИС Директивата. Законот набрзо ќе се најде во владина и собраниска процедура, додаде Шаќири во своето соопштение.