Вложувањето во образовната инфраструктура, како еден од основните услови за квалитетна настава и едукација на младите е еден од приоритетите на Министерството за образование и наука. Пред почетокот на учебната година, министерот за образование и наука Јетон Шаќири го посети новото основно училиште во с. Долно Блаце, општина Чучер-Сандево, како и објектот на новото училиште што се гради во населбата Визбегово, општина Бутел.
„Споделуваме одлични вести, учениците од Долно Блаце веќе не мора да посетуваат настава во соседно Косово, туку ќе учат во ново училиште, изградено само за нив. Нема поголема радост, првиот училишен ден да започне во ново училиште, во местото каде живеат. Нема поголема радост од детскиот џагор и смеа, кога се оди во училиште. Пред една година ветивме нова училишна зграда и тоа го реализиравме“, изјави Шаќири.
Подрачното основно училиште „Михал Грамено“ во с. Долно Блаце, општина Чучер-Сандево е инвестиција на МОН и за него се одвоени околу 4,7 милиони денари од буџетот. Објектот ги исполнува сите услови за непречено и современо образование, какво што заслужуваат сите деца.
Кон средината на следната календарска година и општина Бутел ќе добие нов училишен објект, во населбата Визбегово.
„Како Влада и министерство ние ја ветивме оваа инвестиција. Таа чини речиси 107 милиони денари и интензивно се реализира. Градежните активности се одвиваат според планот, така што, очекувам доколку сé биде во ред како и досега, од наредната учебна година, од септември во 2023та година, овој училишен објект да ги прими првите ученички генерации кои тука ќе се едуцираат“, изјави министерот Шаќири.
Посочувајќи дека МОН посветува подеднакво внимание на сите општини каде има потреба од инвестиција, министерот рече дека сега останува на младите вредно и посветено да учат, да стекнуваат знаења и вештини кои ќе им бидат потребни во животот.