Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска изјави дека очекува одлука од Самостојниот синдикат на вработените во образованието, науката и културата (СОНК) утре да започне наставата во основното и средното образование и оти треба да се разгледа начин за потполно постигнување на планираната наставна програма.
– За мене многу е важно утре да започне наставата во сите основни и средни училишта, истакна Шаќири.
Денеска пред седиштето на СОНК се собраа голем број на наставници, по информациите дека е постигнато зголемување на платите за 12 проценти и оти штрајкот од утре ќе прекине.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков појасни дека не е потпишан договор и дека за предлогот треба да се изјаснат членовите . По барање на насобраните членови, Неделков се согласи седницата на Советот на СОНК да биде отворена.