Шаќири: Од штрајкот губат сите – и децата и наставниците и државата

од Берта Китинска
266 прегледи

Став на Владата и на Министерството за образование е дека зголемување на платите на наставниците треба да има и дека низ преговори треба да се утврди најдобриот начин тоа да се направи. Истовремено, кажавме дека од прекин на работа во чувствителна дејност како што е образованието, губат сите – и децата, и наставниците и државата. И тоа се ненадоместливи загуби. Штрајкот не смее да биде прв чекор на синдикална борба, не може да почнете преговори со такво условување. Ова го нагласи министерот за образование и наука Јетон Шаќири во гостувањето во „Програма 200“ на телевизијата „Алсат-М“.

„Да мислевме дека платите не треба да се зголемат, ќе се спротивставевме уште на првите средби со СОНК, и ќе ги прекиневме преговорите. Но, тоа не го направивме. На секоја средба истакнувавме дека треба да се види секоја добра можност за да се зголемат. Но, изминатите две години имавме здравствена криза, и сите знаеме како функционираше образовниот систем во таа ситуација. И синдикатот и јас знаеме дека се боревме за опстанок, само да го заштитиме здравјето“, рече Шаќири.

Тој појасни дека се прават буџетски анализи за што побрзо да се одговори на барањето на СОНК и да се види колку нјамногу може да се исполни и кој е најсоодветен модел.

„Ме радува што се зголеми минималната плата. Ова го поздрави и опозицијата. Ме радува фактот што расте и просечната плата. Ова се позитивни показатели на економскиот развој. Но, ние ќе постигнеме успех кога овие два показатели, минимална и просечна плата ќе може да се усогласуваат и со платите во образованието“, посочи министерот.

За да сфати и јавноста, но и опозицијата, како што рече министерот, со измените на Законот за минимална плата сите што добиваат под минималната плата, треба да се израмнат со минималната плата. Второ, по усвојување на минималната плата, во рок од 6 месеци, треба да се усогласат сите плати. Ние ова го правиме побрзо, дискутираме и ја гледаме секоја можност. Затоа, рече Шаќири, велам дека имаме разбирање и уште од првото синдикално барање ние сериозно се нафативме со решавање на предизвикот.

„Нашиот ангажман е ова да биде што поскоро реално. Кога велам реално, тоа зависи од буџетските средства што ни се во располагање. Бараме системско решение. Ако минималната плата во 2023 година биде да речеме 20 илјади денари, според тоа решение да се зголемуваат платите. Мене ме радува што зборуваме за зголемување на платите. Да не се враќаме на претходниот период, пред 10 или 15 години, какви биле условите и можностите. Ние дискутираме за оваа можност во наредниот период“, дециден беше Шаќири.

Слични содржини