Политиката на Министерството за образование и наука е насочена кон унапредување и поголема промоција на средното стручно образование, затоа што е дефицитарно и имаме недостиг од стручни кадри во државата. Тоа значи дека изборот на средно стручно училиште е одлука која обезбедува поголема веројатност за личен просперитет, за брзо вработување по стекнувањето на дипломата, но и добра основа за понатамошна академска надградба.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешниот отворен ден на средното училиште „Цветан Димов“ во Скопје на кој основците од општина Чаир се запознаваа со струките и образовните профили кои ги нуди училиштето за учебната 2022-2023, со наставните програми и можностите за практична обука. Тој ги повика младите да не се двоумат дали да одберат стручно образование.
„Јас ги советувам полуматурантите да се водат според личните желби и афинитети, но секогаш предвид да ги имаат и информациите за тоа кој тип на образование се бара на пазарот на трудот. Така полесно ќе ја донесат одлуката, затоа што ќе видат дека тоа е стручното образование“, рече Шаќири, додавајќи дека „Цветан Димов“ е одлично училиште кое и досега има создадено кои веќе успешно се интегрирани во општеството и во општествените процеси.
„Не ја пропуштајте шансата да станете вредни луѓе, полни со знаења и практични вештини кои ќе ви донесат просперитет“, им порача Шаќири на основците од Чаир.
Упати пофални зборови до училишниот персонал за кој рече дека е комбинација од искусни просветители, но и од помлади колеги кои целосно се вложуваат во работата, а напомена и дека училишниот објект е реконструиран и добро опремен за настава.
За учебната 2022-2023 година СУГС „Цветан Димов“ согласно Конкурсот за упис, ќе има 12 паралелки за повеќе образовни профили во Економско – правна и трговска струка и во здравствена струка. Новина е воведувањето на паралелка за медицински сестри на турски наставен јазик.