Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири на вториот состанок за подготовка на Програмата за економски реформи 2022-2024 година, рече дека реформските мерки ќе бидат за зелена транзиција и дигитална трансформација. Според Шаќири МИОА спроведува и поддржува мерки како што се зголемување на електронските услуги на јавните институции и нивно интегрирање во националниот портал за услуги, проект за имплементација на интелигентен транспортен систем (ИТС) долж Коридорот 10 и други иницијативи во соработка со министерствата и други претпријатија во целосна функција на дигитализација и електронска размена.
Овие електронски услуги, кои се веќе во фаза на имплементација, ги интегрираат повеќето услуги од министерствата за внатрешни работи, економија, правда, образование и наука, труд и социјална политика, надворешни работи, судови и обвинителство и некои дирекции и управи, како што се Централниот регистар, Управата за јавни приходи, Управа за водење на матичните книги итн. од каде што граѓаните и деловните субјекти, за првпат, ќе имаат можност да ги заменат редиците на шалтерите со услуги добиени од дома или работните канцеларии. Генерираните електронски документи сега се целосно легални и можат да се користат насекаде, бидејќи се препознаени во позитивниот правен систем во Северна Македонија со најновите законски измени, рече Шаќири.
Од Министеството за информатичко општество посочуваат дека предложените мерки што ќе бидат дел од Програмата за економски реформи 2022-2024, се спроведуваат заедно со ЕУ и претставуваат подготовка за учество во процесот на економска и фискална супервизија на земјите-членки на ЕУ, со цел да се спроведат главните процеси реформи во земјата, што ќе влијае на интензивирање на дијалогот со ЕУ. Програмата ќе биде доставена до Европската комисија до крајот на јануари 2022 година.
177