Шаќири: Од клучно значење искористување на потенцијалот на дигиталната трансформација, во и преку образованието

од Radmila Tasevska
372 прегледи

Искористувањето на потенцијалот на дигиталната трансформација, во и преку образованието, е од клучно значење во современиот свет. Затоа и ние како држава сме фокусирани на дигитална трансформација на оваа област, интегрирајќи нови технологии, алатки и практики за подобрување и модернизирање на процесот на настава и учење. На тој начин го подобруваме и пристапот до образованието, а воедно и ги зголемуваме образовните резултати.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на панел-сесијата „Искористување на придобивките од дигиталната трансформација во образовниот процес“, во рамките на 26-та сесија на Конференцијата на министри за образование на Советот на Европа, што се одржува на тема „Трансформативната моќ на образованието: универзални вредности и граѓанска обнова“, соопштија од МОН.

– Дигиталната трансформација може да го премости јазот во пристапот до образованието. Онлајн курсевите, виртуелните училници и дигиталните ресурси им овозможуваат на поединците пристап до квалитетно образование, без оглед на нивната географска локација или физички ограничувања, се наведува во писмената изјава на Шаќири.

Пандемијата со Ковид-19, потенцирал министерот, го забрза усвојувањето на учењето од далечина. Иако не била замена за учењето во училница, учењето од далечина обезбедило флексибилност и континуитет на образовниот процес и во време на криза.

– Имајќи предвид дека училиштата во Северна Македонија беа затворени речиси една година, учењето од далечина беше многу корисна алатка за надминување на отсуството на настава. Адаптивните платформи за учење користат податоци и алгоритми за да ја приспособат образовната содржина на индивидуалните потреби на учениците, помагајќи им да продолжат да напредуваат. Исто така, од неодамна почнавме да креираме дигитални интерактивни учебници за основно образование, кои ги споделуваме бесплатно преку специјализирана веб-платформа, додал Шаќири.

Министерот напоменал дека преку неколку проекти спроведени во училиштата во Северна Македонија, се увидело дека дигиталните алатки водат до зголемен ангажман на учениците.

Дополнително пак, дигиталните алатки, изјавил Шаќири, можат да доведат и до подобра ефикасност и автоматизација на административните процеси во образовните институции.

– Северна Македонија користи ЕМИС систем и е-дневник од 2010 година и неодамна целосно го дигитализираше процесот на упис на ученици во основните и средните училишта. Во исто време, овие системи ја поедноставуваат административната улога на наставниците, а воедно се многу ефикасни и во нивниот професионален развој, се додава во соопштението.

Сепак, напоменал Шаќири, иако дигиталната трансформација нуди бројни придобивки, постојат предизвици што треба да се решат, како што се дигиталниот јаз, загриженоста за приватноста и потребата за дигитална писменост на учениците и наставниците.

– За да се искористи потенцијалот на дигиталната трансформација во и преку образованието, образовните институции, креаторите на политики и едукаторите треба да соработуваат за да развијат стратегии за ефикасна примена на технологијата. Ова вклучува инвестирање во инфраструктурата, обезбедување обука и поддршка за наставниот кадар, обезбедување рамноправен пристап до технологијата и континуирано оценување на влијанието на дигиталните иницијативи врз резултатите на учениците, се истакнува во писмената изјава на Шаќири.

Слични содржини