Шаќири: Сите стипендии се реализирани во петокот и им се исплатени на студентите денеска во 9 часот

од Stefanija Kuzmanovska
169 прегледи

Студентите што протестираа пред министерството за образование и наука попладнево незадоволни од доцнењето на исплатата на стипендиите и на другите субвенции се разотидоа и не остварија средба со министерот Јетон Шаќири.

Тој на прес-конференција рече дека денеска го поканил претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС) на Скопскиот универзитет на средба во МОН и дека бил известен оти во текот на неделата ќе продолжат со редовните состаноци што МОН ги има со сите студентски собранија на универзитетите.

Нагласи дека секогаш ги поддржува студентите во нивните барања и дека во изминатите две години, и со сегашниот, и со претходниот претседател на УСС на УКИМ, имал повеќе од 30 состаноци.

„Кога потпишавме договор во Влада за реконструкција на студентските домови, на мое барање по потпишување на договорот имав состанок со претставници на повеќе универзитети и им ги образложив сите рокови за исплата на стипендиите. На тој состанок кажав дека најбрз можен рок за исплата на претходните стипендии е крајот на јануари, почетокот на февруари. Тоа е затоа што секогаш во буџетот на МОН, освен пред три години кога имало буџетски средства, сите исплати на стипендии од претходниот семестар се завршуваат во јануари кога доаѓа новиот буџет. Во однос на доцнењето на тие од претходната година, секогаш зависи од расположливите средства во буџетот на крајот на календарската година“, наведе Шаќири.

Посочи дека на исплатата ѝ претходи и програма што треба да помине во Влада, а тоа било околу 10 јануари, и дека „имавме и нова ситуација со техничка влада и нови законски постапки, така што сите стипендии се реализирани во петокот и им се исплатени денеска во 9 часот“.

Слични содржини