Шаленберг: Ако се одложи усвојувањето на уставните измени, ќе се одложи пристапувањето на С.Македонија во ЕУ

од Nikola Popovski
441 прегледи

Вие сте еден од нашите најсигурни партнери надвор од ЕУ. Морам да кажам дека ова не е пат само за задоволство. Ова се три министри кои се најверни поддржувачи на С. Македонија и Балканот. Не се случува секој ден три министри на три членки на ЕУ да дојдат во земја на Западниот Балкан. Нашата порака е едноставна и силна – нема време за губење, би сакале да продолжите со потребните уставни измени за да продолжите со преговорите за членство. Да се одложи усвојувањето на амандманите, значи да се одложи пристапувањето на С. Македонија, изјави денеска министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг кој заедно со министерот за надворешни работи на Чешка и министерот за надворешни работи на Словачка, престојуваат во посета на земјава.

Шаленберг истакна дека „би било штета Скопје откога истрча еден тежок маратон, да се сопне на последната пречка“.

-Изминавме долг пат заедно и надминавме многу тешкотии. Задача е на сите граѓани на оваа држава да не бидат попусто овие напори. Ако не ги прифатите уставните измени и не продолжи европскиот пат, С. Македонија се соочува со опасноста да биде изолирана. 18 години чекавте да дојдете до овој момент и сега ви останува да го искорстите моментот и политички да се биде одговорен, да се имаат пред се националните, а не партиските интереси, кажа министерот на прес-конференција.

Шаленберг уверува дека „не се мешаат во внатрешните работи на земјата“.

-Решението може да дојде само од вас и нема да биде од Брисел, Виена или Братислава, а ве уверувам дека нема да дојде ниту од Софија, кажа Шаленберг.

Тројцата шефови на дипломатии се ополномоштени од високиот претставник за надворешни работи на Европската унија, Жозеп Борел за да ги пренесат официјалните ставови на ЕУ по однос на прашањата поврзани со нашето европристапно досие.