Европската Унија се наоѓа пред огромна геостратешка одлука. Најважниот инструмент против оваа војна на европско тло е перспективата на ЕУ и проширувањето. Тоа е геополитичка задача на ЕУ и никогаш досега не било толку важно да се реализира проширувањето. Затоа сметам дека што побрзо треба да се отворат преговорите со Северна Македонија и Албанија, порача денеска од Скопје шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Во однос на прашањето со Бугарија, Шаленберг оцени дека решението е близу.
– Денеска сум во Скопје и навистина ме охрабрува што гледам дека се приближуваме кон решавање на проблемот. Сите делчиња од сложувалката се на масата и сега треба само уште да ги сложиме. И се надеваме дека уште пред почетокот на летото ќе дојде до тој почеток. Австрија сака да даде свој придонес и ќе биде солидарна со Северна Македонија во тие чекори пред преговорите, бидејќи тоа е геостратешка неопходност. Вие сте непосредни соседи на ЕУ, опкружени сте со земји членки на ЕУ. Сите земји кои досега не пристапиле, редно е да пристапат кон Унијата, нагласи Шаленберг.