„Шанса за Центар“ го критикува Герасимовски: Буџетски форум се организира како митинг во простории на училиште

„Овој градоначалник е одлучен во изборната кампања до последна трошка да ги исцеди и општинските ресурси и самата општина како јавна институција во своја лична корист“ - велат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Фејсбук

„Овој градоначалник е одлучен во изборната кампања до последна трошка да ги исцеди и општинските ресурси и самата општина како јавна институција во своја лична корист“ – ваква критика упатија од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ кон актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат во Центар, Горан Герасимовски.

„Шанса за Центар“ го критикува Герасимовски за организирањето на буџетскиот форум.

-Откако изнареди прескапи игралишта, ископа дупки од илјадници евра како да се за ископ на дијаманти, изнареди клупи и канти наместо да ги поправи претходните, сега на неколку дена од гласањето си организира и нешто што само тој си го нарекува општински буџетски форум. А тоа во суштина е светлосни години далеку од тоа што треба да биде буџетски форум.

За „Форумите во заедницата“ и со тоа и за „Буџетските форуми“ има јасни правила како се одржуваат утврдени од ЗЕЛС за што повеќе пати му е укажано, а не сака да го прифати. Процесот со форумите треба да почне месеци претходно, да има стручни независни модератори, одвоен општински буџет, работни групи…, велат од граѓанската иницијатива.

-Но ете падна толку ниско што сака и нив да ги злоупореби за кампања. Буџетски форум најавен од вчера за денес. Форум ли е, митинг ли е во просториите на училиште, прашуваат од „Шанса за Центар“.

Градоначалникот на Општина Центар, Герасимовски ги повикува сите жители на општината да учествуваат на првиот буџетски форум за 2026 година, кој ќе се одржи во вторник, 28 октомври, во ООУ „Киро Глигоров“ со почеток во 19.30 часот.