Шанса за Центар: Скопје ќе стане голем жежок топлотен остров доколку го покриеме со асфалт и бетон

од Nikola Popovski
226 прегледи

Ако продолжиме да го покриваме целиот град со асфалт и бетон, Скопје ќе стане само голем жежок топлотен остров во кој условите за живот ќе бидат уште полоши од сегашните, реагираат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ откако градоначалничката Данела Арсовска започна, па се откажа од асфалтирање на дел од земјените пешачки патеки во Градскиот парк.

Според нив, сите анализи кои ги направи самиот Град Скопје во соработка со меѓународни организации во рамки на проектот „Отпорно Скопје“ укажуваат дека досегашната прекумерна и непланска замена на природните и зелените површини со бетон и асфалт создаде локации во градот на кои температурата достигнува и до над 60 целзиусови степени во лето.

-Затоа сметаме дека е недозволиво од страна на Градот да се асфалтираат пешачки патеки во Градски парк, ниту да се става асфалт на површини покрај реката Вардар кои и досега беа уредени со камен и калдрма што пак овозможува водата да не се задржува на патеката туку да се впива во земјата. Покривањето на патеките во паркот со тартан ги прави овие површини уште понепропустливи. Сите сме сведоци на влошувањето на животот од прекумерната градба во Скопје која трае веќе децении. Затоа, површините како Градски парк или Урбан парк во Центар на кој исто така му се заканува опасност дека неговите големи децениски стари дрвја ќе бидат исечени, и ќе бидат заменети со жардињери и украсна вегетација, мора да бидат сочувани со целото нивно природно богатство, стои во реакцијата.

Од „Шанса за центар“ апелираат до Градот и Општина Центар да преземат мерки да ги заштитат овие паркови наместо само немо да гледаат или да преземаат чекори со кои се уништуваат последните поголеми зелени површини.

Слични содржини