Шарапова елиминирана уште на стартот во Индијан Велс

од Vladimir Zorba

Двократната шампионка Марија Шарапова (Русија) отпадна во првиот круг на силниот тениски турнир во Индијан Велс (САД) со награден фонд од 2,87 милиони долари.

Поранешната број 1 во светот допушти премногу лесни грешки и покажа нестабилност на сервис и загуби од 20-годишната Јапонка Наоми Осака со 4:6, 4:6 за 97 минути игра.

Осака, 44-та на светската ВТА листа, за три места поназад од Русинката, освои 75 проценти од поените при втор сервис на соперничката и не подлегна на тензиите во клучните моменти што се покажа решавачко.

„Знаев дека Шарапова ќе се бори за секој поен, затоа што сум ја гледала кога бев мала. За мене беше чест да играм со неа. Се обидувам да си повторувам дека и јас не треба да се откажувам и да се борам за секоја топка, за да бидам рамноправна. Во овој натпревар покажав и психичка стабилност, бидејќи често претходно се случило откако водам и сум стигната во резултатот, да не се справам со ситуацијата“, прокоментира Јапонката.

Шарапова, која е шампионка на Индијан Велс во 2006 и 2013 година, отпадна на втор турнир по ред во првиот круг, по натпреварувањето во Доха минатиот месец.

Осака ќе игра во вториот круг против бр. 31 на ВТА, Ањешка Радванска (Полска).

Слични содржини