Поранешниот функционер на НАТО, Џејми Шеј, е убеден дека барањето на Србија за враќање на војниците и полицајците на Косово нема да биде одобрено.
Сепак, тој е задоволен што Србија одлучила тоа да го направи јавно и транспарентно, јавува Радио Слободна Европа.
„Подобро е Србија јавно и транспарентно да побара од КФОР да ги врати војниците на Косово, а тоа да не го прави еднострано или тајно, бидејќи во сегашните околности тоа би било крајно провокативно“, вели Шеј.
Тој смета дека и српскиот претседател Александар Вучиќ е свесен дека ова барање нема да биде одобрено, но вели дека тоа е „политичка акција, бидејќи може да почувствува дека може да постигне победа во јавноста додека не се сменат работите на терен“, вели. Шеј.
Шеј вели дека Резолуцијата 1244 и дозволува на Србија да побара враќање на 1.000 припадници на армијата и полицијата, но само под одредени околности.
„Само во одредени околности, најмногу во однос на граничните контроли. Идејата беше да се има координација на границата за спречување инциденти, борба против кражби, нелегална трговија, заштита на малцинствата, споменици“, вели Шеј.
Тој додава дека враќањето на српските војници на Косово би било дозволено само „доколку тоа би помогнало да се смири ситуацијата“.
„Многу е важно КФОР да одлучи дали ќе биде корисно или не. А во сегашната, јасно тензична атмосфера меѓу Приштина и Србите на север, сегашните околности се очигледно спротивни, па такво нешто би ја ескалирало ситуацијата“, вели Шеј.
Тој ги поддржа претставниците на меѓународната заедница во нивното барање Србите на север самите да ги отстранат барикадите поставени на 10 декември и се приклучи на повиците Косово и Србија да се заложат за постигнување договор во дијалог со посредство на Европската унија.
„За жал, денес на северот на Косово сè уште има луѓе со многу екстремни, радикални ставови, кои не сакаат да постигнат никаков напредок, а сегашната стагнација води кон насилство, што повеќе одговара на нивната агенда“, додаде поранешниот портпарол на НАТО.