Тоа е меѓународен договор кој што е ратификуван во парламентите на двете држави и се разбира дека не е можно да е одлука на една Влада. Во овој период нема услови за тоа, вели шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи околу евентуалното пролонгирање на рокот за вадење на личните документи и по 13-ти февруари.
Министерот вели оти грчките власти имаат целосно разбирање за техничките аспекти во процесот на издавање на новите лични документи и проблемите со кои се соочуваат граѓаните во земјава во тој поглед, но дека обврските кои се преземени со меѓународниот договор и натаму остануваат.
Според него, некоректно е граѓаните да седат без грижа, дека државата ќе среди, па после да им кажеме дека не можеме.
-За личните карти, законот заглави во Собрание. Тие рокови не се пресликани во законот за лични карти. За патни исправи и останатите документи, мора да важат до 13 февруари. Дајте да се организираме до 12 февруари да завршиме повеќе, а на 13 ќе мислиме што останало како проблем и како да го регулираме, додаде Османи.
Шефот на дипломатијата кажа дека не може да дава надеж на граѓаните дека пасошите ќе важат и по 13-ти февруари, бидејќи грчката страна треба да ја информира ЕУ дека стапува на сила рокот.
Вели оти МНР ќе направи сè што е во негова моќ за да не се остават, како што вели, нетретирани предизвици после 13 февруари.