Мартин Глен, извршен директор на англиската фудбалска асоцијација, очекува Премиер лигата да го претстави системот за видео-повторување „ВАР“.
Пред два дена, системот беше одобрен од страна на Меѓународниот совет на фудбалските здруженија (ИФАБ) и треба да биде потврден на состанокот на Советот на ФИФА на 16-ти март. Исто така, се очекува да се користи за време на дуелите на Светскиот куп во Русија летото 2018 година.
„Тоа е одлука на Премиер Лигата дали да се воведе системот „ВАР“ или не, но мислам дека прашањето е пскоро кога, а не дали ќе се воведе“, изјави Глен за британските медиуми.
Во исто време, УЕФА објави дека системот за видео-повторување нема да се користи во натпреварите на Лигата на шампионите следната сезона, бидејќи им треба повеќе време за тестирање.
Во моментов во Англија, „ВАР“ се користи на натпреварите од Купот на фудбалската асоцијација, но коментарите се различни. Навивачите, на пример, се жалат дека остануваат во „мрак“ кога се донесуваат одлуки.