Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, се сретна во Техеран со шефот на палестинската група Хамас, поддржана од Техеран, Исмаил Ханије, објавија иранските државни медиуми во неделата, еден ден откако официјален претставник на Хамас изјави дека тие се сретнале во изминатите денови.
Медиумите јавуваат дека Ханије, кој живее меѓу Катар и Турција од 2019 година, „го информирал Али Хамнеи за последните настани во Појасот Газа и злосторствата на ционистичкиот режим во Газа, како и за настаните на Западниот Брег“.
Исламската Република вели дека го поддржува Хамас, но немала никаква улога во ненадејниот напад на милитантите врз Израел минатиот месец.
„Ајатолахот Хамнеи ја пофали непоколебливоста и отпорот на народот во Газа, изразувајќи големо жалење за злосторствата на ционистичкиот режим, кој е директно поддржан од Вашингтон и некои западни земји“, објави иранската државна телевизија.
Без да прецизира кога се одржал состанокот, иранската новинска агенција Тасним објави дека иранскиот врховен лидер Хамнеи „ја истакнал конзистентната политика на Техеран за поддршка на палестинските сили на отпорот во борбата против ционистичките окупатори“.