Шефот на ИЕА: Европа се соочува со тежок удар. Април ќе биде многу полош од март

Бирол недостигот на дизел и авионско гориво го опиша како „најголемиот проблем на денешницата“. Додаде дека недостигот „веќе се гледа во Азија“, но дека овој проблем со снабдувањето „наскоро“ ќе се почувствува и во Европа.

од Кристијан Димков
16 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Гардијан

Фатих Бирол, директорот на Меѓународната агенција за енергија, предупреди на „огромно, огромно нарушување“ на пазарот на енергенси. Во разговор за подкастот In Good Company, Бирол истакна дека недостигот на дизел и авионско гориво наскоро силно ќе се почувствува низ Европа, пишува Ројтерс.

„Април ќе биде многу полош од март, бидејќи во светските пристаништа сè уште пристигнуваа пратки на нафта и гас натоварени пред почетокот на војната“, изјави Бирол. „Во април тоа повеќе го нема“, додаде тој, проценувајќи дека загубата на нафта „ќе биде двојно поголема отколку во март“.

Бирол недостигот на дизел и авионско гориво го опиша како „најголемиот проблем на денешницата“. Додаде дека недостигот „веќе се гледа во Азија“, но дека овој проблем со снабдувањето „наскоро“ ќе се почувствува и во Европа.

Енергетските последици од војната на Блискиот Исток долго ќе се чувствуваат, а Европската комисија подготвува пакет мерки за помош на граѓаните и компаниите, изјави вчера комесарот за енергија Дан Јоргенсен. Тој додаде дека предлогот ќе вклучува намалување на даночните стапки за електрична енергија и тарифи за преносните мрежи.

„Не треба да имаме илузии дека последиците од оваа криза за енергетските пазари ќе бидат краткотрајни, бидејќи нема да бидат“, изјави Јоргенсен на прес-конференција по виртуелниот состанок на министрите за енергетика на земјите членки на ЕУ.

Јоргенсен изнесе податоци според кои цената на гасот во ЕУ од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток пораснала за околу 70 проценти, а нафтата за 60 проценти. За увоз на фосилни горива во ЕУ биле потрошени дополнителни 14 милијарди евра за еден месец.

Комесарот ги повика земјите членки на Унијата да одговорат координирано на енергетската криза и мерките да бидат насочени и привремени. Исто така нагласи дека ЕУ не смее да го заборави долгорочниот цел – постигнување целосна независност од увоз на фосилни горива.

„Оваа криза уште еднаш ни покажува дека Европа се соочува со суштинска ранливост на надворешни енергетски шокови, што е поврзано со нашата зависност од увоз на фосилни горива“, изјави Јоргенсен. „Енергетската независност е патот напред и стратешки императив од економски и безбедносен аспект, не само поради климата“.

Во говор што потсетува на раните денови од пандемијата на коронавирусот, Јоргенсен изјави дека Европа се соочува со „многу сериозна ситуација“ на која не ѝ се гледа крај. „Дури и утре да настапи мир, враќање во нормала нема да има во догледна иднина“, рече тој.

„Колку повеќе нафта успеете да заштедите, особено дизел и авионско гориво, толку подобро ќе биде за сите нас“, изјави Јоргенсен, потврдувајќи ги претходните медиумски наводи дека Брисел сака Европејците помалку да патуваат.

Тој ги повика земјите членки да ги следат советите на Меѓународната агенција за енергија, кои вклучуваат:

– работа од дома каде што е можно
– намалување на ограничувањето на брзината на автопатите за 10 км/ч
– поттикнување на јавен превоз
– воведување систем пар-непар за автомобили
– поттикнување споделено возење
– усвојување поштедливи навики при возење

Долгорочно, тој ги повика земјите од ЕУ да ги удвојат напорите за изградба на нови обновливи извори на енергија. „Ова мора да биде моментот кога конечно ќе ја свртиме ситуацијата и ќе станеме вистински енергетски независни“, нагласи тој.

Коментарите на Јоргенсен доаѓаат во време на растечки страв дека светот се соочува со голема енергетска криза која би можела да го надмине и нафтениот шок од 1970-тите и да има глобални економски последици споредливи со пандемијата на коронавирусот.

Откако САД и Израел пред повеќе од еден месец ги започнаа првите напади врз Иран, цените на нафтата и гасот пораснаа за дури 70 проценти, бидејќи една петтина од светското снабдување со сурова нафта и течен природен гас е блокирано во Персискиот Залив.

Состанокот на министрите заврши без конкретни предлози, но Јоргенсен најави дека Комисијата во блиска иднина ќе објави пакет мерки на ниво на целата Унија.

Според извори запознаени со разговорите, се дискутирало за државна помош, зголемување на уделот на обновливи извори и нуклеарна енергија за зајакнување на енергетската безбедност, како и за поддршка на биогоривата. Нордиските земји ја истакнале потребата од заштита на енергетската инфраструктура.

Очекувањата од конкретни потези пред состанокот биле ниски, според повеќе дипломати, а главната цел била усогласување на дејствувањето.