Кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг денеска изјави дека земјата нема да продава оружје на завојуваните страни во Украина и дека ќе го контролира извозот на се што може да има и цивилна и воена употреба.
САД и другите земји претходно изразија загриженост дека Кина размислува да обезбеди воена помош за Русија.
„Што се однесува до извозот на воена опрема, Кина зазема одговорна позиција. „Кина нема да испорачува оружје на релевантните страни во конфликтот и ќе управува и контролира извоз на стоки со двојна намена во согласност со законите и прописите“, рече Чин на прес-конференција со германската колешка Аналена Бербок.
Чин ја повтори подготвеноста на Кина да помогне во мировните преговори и рече дека сите страни треба да останат „објективни и мирни“.
Говорејќи на конференцијата за медиуми со германската колешка Аналена Бербок, Чин, исто така, ја обвини владата на Тајван за зголемените тензии во регионот откако Пекинг одржа големи воени вежби во обид да го заплаши островот.
Во својот говор, Бербок рече дека како постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, Кина има посебна одговорност да помогне да се стави крај на конфликтот.
Таа се осврна и на тензиите во Тајванскиот теснец, низ кој поминува голем дел од светската трговска стока, и рече дека конфликтот во таа област би бил „глобална катастрофа“.