Шефот на НАТО: „Нема индиции дека станува збор за напад на наша територија, ниту дека Русија го планира тоа“

од Vladimir Zorba
123 прегледи

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг одржа медиумска конференција во Брисел. Пред конференцијата се одржа состанок на НАТО алијансата на кој се разговараше за падот на ракетите во Полска.

На почетокот тој рече дека НАТО од самиот почеток ја следи ситуацијата и дека нема индиции дека Русија подготвува напад врз НАТО алијансата. Тој го потврди она што го рече Бајден, дека се чини дека се работи за проектил соборен од Украина во одбрана.

„Да бидам јасен, ова не е вина на Украина. Русија ја сноси крајната одговорност бидејќи ја продолжува својата нелегална војна во Украина“, рече Столтенберг.

Украина добива дополнителна помош и системи против дронови

Тој изрази сочувство за жртвите во Полска и ја повика Москва: „Русија треба да ја прекине оваа бесмислена војна“ и додаде: „НАТО е обединет и ние секогаш ќе го правиме она што е неопходно за да ги заштитиме нашите сојузници“, рече тој.

Запрашан дали инцидентот во Полска е „најинтензивниот момент“ што го доживеа НАТО за време на војната во Украина, тој рече дека секогаш е внимателен кога ги оценува ваквите инциденти.

Столтенберг рече и дека сојузниците мобилизираат дополнителна помош за Украина и дека се мобилизираат и системи против дронови. „Ни треба повеќеслојна одбрана на Украина и сојузниците го обезбедуваат токму тоа, на различни начини“, рече тој.

„Нема докази дека Русија планира напади врз НАТО“

Новинарите прашаа дали ќе има засилување на воздушната одбрана на сојузниците на источната граница. „Постојано ја проценуваме ситуацијата. Нема индикации дека ова е резултат на намерен напад на територијата на НАТО, ниту дека Русија планира напади врз сојузниците“, рече тој.

Тој додаде дека „основната оценка за заканата за сојузниците во НАТО не е променета“. Тој рече дека НАТО веќе „значително го зголеми своето присуство во источниот дел на Европа“.

Повтори дека крајната одговорност е на Русија, која е одговорна за војната во Украина, која пак доведе до ваква ситуација. „Да немаше војна, немаше да ги имаме овие жртви, немаше да има инцидент во Полска“, додаде тој.

Ова не е вина на Украина

Новинарите го прашаа и за изјавите на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, кој рече дека наводите дека се работи за украински проектил се всушност теории на заговор.

„Истрагата не е завршена, но засега резултатите покажуваат дека се работи за проектил соборен од Украина. Но, за тоа не е виновна Украина. Таа има право да соборува ракети насочени кон нејзините градови и критична инфраструктура“, рече тој.

Исто така, посочи дека нормално НАТО спроведува вежби токму за, кога ќе се појават овие ситуации, сè да не излезе од контрола. „Секако дека бевме изненадени вчера, но подготвени сме да реагираме смирено и решително, на начин што ќе избегне понатамошна ескалација“, рече тој.

НАТО најдобро може да помогне со испраќање воена помош

Новинарите прашаа и дали НАТО ја снимил траекторијата на руската ракета, која потоа беше соборена од Украина, како што тврди. „Ова се важни прашања, сè уште нема да одговорам бидејќи истрагата е во тек“, рече тој.

Повтори дека Украина има право да се брани и додаде: „Реалноста е дека ако Украина престане да се бори, таа ќе престане да постои како независна земја. Ако Русија престане да се бори, војната е завршена“. Тој оцени и дека најверојатно војната ќе заврши на преговарачка маса.

„Сите сакаме војната да заврши, но најдобриот начин на кој можеме да помогнеме, а резултатот да биде прифатлив за Украина, е да им испратиме воена помош за да обезбедиме исход што ќе биде прифатлив за нив на преговарачката маса“, тој кажа.

Ја заврши конференцијата со пораката дека настаните во Полска на крајот се вина на Русија, која ја започна војната: „Најдобар начин да се спречи повторување на вакви настани е Русија да ја прекине војната“.

Слични содржини