Шефот на Ред Бул, Кристијан Хорнер, рече дека тимот се надева дека неговиот нов болид, RB21, ќе биде поудобен за возење од RB20, кој се покажа како доста проблематичен.
„Биковите“ освоија седум од нивните први десет стартови во сезоната и ја завршија годината со вкупно девет победи, од кои сите дојдоа од светскиот шампион Макс Верстапен. Во втората половина од сезоната, сепак, и тој и сега веќе поранешниот колега – Серхио Перез се мачеа да извлечат добри перформанси од RB20.
Со Перез, ова беше многу очигледно бидејќи тој постигна само 48 поени во последните 18 кола, откако претходно имаше четири подиуми во неговите први шест стартови. Токму тоа доведе до разделба со Мексиканецот и негова замена со Лиам Лосон, кој оваа година ќе му биде партнер на Верстапен.
Сега Хорнер се надева дека двајцата ќе можат да добијат автомобил кој ќе им биде поудобен за возење.
„Ние добро разбираме зошто работите не беа толку добри. Би рекол дека околу Имола воведовме пакет подобрувања што го направија болидот многу да ги достигне своите врвни перформанси и работниот прозорец стана многу тесен“, објасни Хорнер за racingnews365.com.
„Кога влеговме во тој прозорец, како што направивме во Австрија, каде што Макс извозе четири круга што беа доволно добри за да освои пол-позиција, тоа се гледаше. Но, дури и милиметар надвор од тоа и автомобилот стана проблематичен за возење“.
„Макс можеше да го маскира и да го заобиколи проблемот, но Чеко имаше многу тешкотии. Инженерите се фокусирани на проширување на овој прозорец. Не толку за подобрување на перформансите, туку за проширување на оптималниот оперативен прозорец за да можеме да бидеме силни во различни предизвици“, додаде директорот на Ред Бул.