Шефот на руската платеничка група Вагнер снимен како бара борци во затвор

од Stefanija Kuzmanovska
249 прегледи

Основачот на руската платеничка воена група Вагнер се обидува во затворите да најде доброволци за војната во Украина, покажа видео кое се појави на Интернет.

Ова видео, чија автентичност е потврдена од Би-Би-Си, го прикажува Евгениј Пригозин како се обраќа на поголема група затвореници.

Тој им рекол на осудените дека можат да бидат ослободени во замена за служба во Вагнер.

Видеото би можело да ги потврди гласините, кои се шират подолго време, дека Русија се обидува да го зголеми бројот на војници со регрутирање осуденици.

Иако рускиот закон не предвидува намалени затворски казни во замена за воена служба, Пригозин тврдеше дека „никој нема да се врати зад решетки“ ако се приклучи на неговата група.

„Ако отслужите шест месеци (во групата Вагнер), вие сте слободни“, рече тој.

Но, тој ги предупреди потенцијалните регрути да не размислуваат за дезертирање:

„Ако стигнете во Украина и сфатите дека тоа не е за вас, ќе ве убиеме“.

Тој на затворениците им ги претстави и правилата на групата Вагнер, според кои се забранети алкохол, дрога и „сексуален контакт со локални жени, растенија, животни, мажи – со било што“.

„Ова е тешка војна, ниту блиску до онаа во Чеченија или други“, им рече тој на осудените во дворот на затворот, објаснувајќи им ги тешкотиите низ кои минуваат руските војници во оваа војна.

Не е јасно кој и кога го снимил видеото, ниту како е објавено.

Но, Би-Би-Си откри дека потекнува од затворска колонија во федералната република Мари Ел, која се наоѓа во централниот дел на Русија.

До ова дошле аналитичарите со обратно пребарување на сликата на црквата, која може да се види во позадината на видеото, и утврдиле дека се наоѓа во затворската колонија број шест.

Снимката од екранот на која се гледа лицето на маж кој регрутира затвореници беше обработена со алатки за препознавање, по што беше пронајдено совпаѓање од 71 до 75 отсто со фотографијата на Пригозин.

Извори за рускиот сервис на Би-Би-Си потврдија дека човекот на видеото најверојатно е Пригозин.

„Тоа е неговиот глас, неговата интонација. Неговите зборови и начинот на кој зборува… 95 отсто сум сигурен дека тоа е тој и дека видеото не е монтирано“, рекол еден од изворите на Би-Би-Си.

„Многу слично, тоа е неговиот стил и неговиот глас е многу сличен“, рече друг извор.

Слични содржини