Сопственикот на Манчестер Сити, шеикот Мансур бин Зајед Ал Нахијан, најави дека ќе го финансира летот и ќе ги сноси трошоците за превоз на неколку илјади фанови на „граѓаните“ кои ќе присуствуваат на финалето на Лигата на шампионите во Порто.
Англискиот шампион ќе се сретне со Челси на стадионот „Драгао“ на 29 мај, а газдата на Сити реши да ги покрие трошоците за патувањето во Португалија за симпатизерите на неговиот клуб.
„Пеп Гвардиола и тимот имаа извонредна сезона. Пласманот во финалето во Лигата на шампионите е навистина историски момент за клубот. Неверојатно е важно што повеќе навивачи да можат да присуствуваат на тој посебен натпревар. Особено оние кои го поддржуваа Манчестер Сити толку многу години низ добри и тешки времиња“, рече сопственикот на Сити, кој се реши на необичниот потег за да го намали финансискиот притисок врз навивачите кои се соочија и сè уште се соочуваат со предизвиците предизвикани од коронавирусот.
Според веб-страницата на клубот, шеикот Мансур бин Зајед Ал Нахјан е свесен за трошоците за одење во Порто, како и за скапото ПЦР тестирање.
Повеќето навивачи на Сити ќе мора да ја напуштат Португалија во рок од 24 часа поради постојните ограничувања на патувањето, па богатиот шеф на клубот од Дубаи ќе организира патување во Порто на денот на натпреварот.