Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејезус, смета дека пандемијата на коронавирус во моментов е во многу опасна фаза, и покрај успехот на светската заедница во борбата против неа.
„Иако постигнавме напредок во контролирање на пандемијата, таа сè уште е во многу опасна фаза“, рече шефот на СЗО на состанокот на ACT Accelerator Council, глобалната рамка за соработка против ковид 19, пренесува ТАСС.
Тедрос смета дека во сегашната ситуација, единствениот излез е да се поддржат земјите во фер дистрибуција на опрема за лична заштита, тестови, третман и вакцини, бидејќи земјите со доволно инструменти за борба против новиот коронавирус веќе започнаа да ги олеснуваат ограничувањата на пандемијата, додека оние кои немаат доволен пристап до овие ресурси се соочуваат со нови бранови хоспитализации и смртни случаи.
„Новите болести и смртни случаи генерално може да се избегнат ако се користат сите алатки што ни се достапни за да спречиме пренесување“, нагласи директорот на СЗО.
Тој исто така рече дека потпирањето на неколку компании за снабдување со глобални јавни добра се покажа како ограничено и ризично и дека треба да извлечеме поуки од пандемијата на ковид 19 со цел светот да биде подготвен за следната.
Од почетокот на пандемијата на ковид-19, во светот се регистрирани 183.934.913 случаи на заболување, додека според СЗО бројот на смртни случаи од последиците на оваа болест е 3.985.022.