Украинските вооружени сили би можеле да го ослободат Херсон до крајот на оваа година, изјави шефот на украинската воена разузнавачка служба Кирило Буданов во интервју за украинските медиуми објавено на 24 октомври.
Но, во исто време Буданов нагласи дека окупаторските руски сили не се подготвуваат да го напуштат овој клучен град на западниот брег на реката Дњепар, туку ја зајакнуваат својата одбрана.
„Не може да се каже дека тие бегаат од градот Херсон“, истакна Буданов и додаде „Не, не постои такво нешто. Во многу аспекти, тоа е информативна операција и манипулација. Сепак, постојат некои факти. На пример, тие ја повлекуваат Промсвјазбанк и другите финансиски структури што Русите ги донесоа таму“.
Тој смета дека Русите го подготвуваат градот за одбрана, но и за брзо повлекување, доколку бидат принудени на тоа. Имено, Буданов смета дека загубата на Херсон е неизбежна за Русите и нагласува дека за оваа загуба ќе одговара командантот на руските трупи во Украина, Сергеј Суровикин, кој затоа за секој случај подготвува планови за повлекување.
Шефот на разузнавачката служба истакна дека руската војска разбира дека Русите ќе мора да донесат многу брза одлука доколку украинските вооружени сили ја преземат контролата над браната Каховка.
„Или треба многу брзо да го напуштат градот и да се повлечат или ризикуваат да се најдат во иста ситуација како нашите единици во Мариупол. Ситуацијата е нешто поинаква, но концепциски ќе биде многу слична. И сфаќајќи го сето ова, тие го подготвуваат теренот да заминат многу брзо ако треба. Меѓутоа, тие сега не се подготвуваат да заминат, тие се подготвуваат за одбрана“, заклучи Буданов.
Украинската армија напредува во областа Херсон, ослободувајќи ги областите под руска окупација во јужна Украина. Во Херсон, руските окупаторски сили наредија евакуација на цивили, а неодамнешните сателитски снимки покажуваат дека руските војници во близина на Херсон итно ги преместуваат своите возила и персонал до источниот брег на реката Дњепар.