Шефот на Вагнер има политички амбиции: Пригожин во преговори со руска партија?

од Stefanija Kuzmanovska

Шефот на платеничката група „Вагнер“ се обидува да ги унапреди своите „политички аспирации“, пишува „Њузвик“, додавајќи дека Евгениј Пригожин работи на „добивање контрола“ врз политичка партија во Русија.

Пригожин соработува со партијата „Праведна Русија за вистината“, објави рускиот истражувачки портал „Медуза“.

Лидерот на таа партија Сергеј Миронов и Пригожин претходно се зближиле, пишува порталот, кој Вашингтонскиот институт за проучување на војната во понеделникот го нарече „односи кои се развиваат“.

Пригожин, кој претходно беше познат како „готвачот на Путин“, се повеќе е во судир со воените и политичките елити на Кремљ. Големото учество на борците на „Вагнер“ во војната во Украина го задржа Пригожин во центарот на вниманието. Миронов зборуваше во име на Пригожин и групата Вагнер, пишува Институтот, повторувајќи го претходниот заклучок на истражувачкиот центар дека тоа може да предизвика натамошно фракционирање во Кремљ.

Неименувани извори од Кремљ и владата во Санкт Петербург тврделе за „Медуза“ дека Пригожин брка „лидерска позиција во руската политичка партија во Санкт Петербург“, забележува Институтот.

Рускиот опозициски портал потоа ги истакна конфликтите на Пригожин со различни функционери, вклучувајќи го и гувернерот на Санкт Петербург, и наводната желба на Пригожин да се „натпреварува“ со него за „влијание во градот“, пишува Институтот.

Сепак, тешко дека Пригожин ќе добие контрола над петербуршкиот огранок на „Праведна Русија“ – за волја на вистината, поради конфликтот на основачот „Вагнер“ со многу функционери, додаваат од Институтот.

Руското Министерство за надворешни работи за првпат формално „одговори директно“ на критиките што Пригожин ги упати кон владиниот оддел, наведува Институтот во својата проценка од понеделникот.

Пригожин ја критикуваше работата на Москва во Африка, велејќи дека платеничката група се соочувала со „огромни тешкотии“ и „бирократија“ кога работела со руското Министерство за надворешни работи во регионот.

Тој, исто така, ја критикуваше агендата на министерството за водење на Советот за безбедност на ОН.

Руското Министерство за надворешни работи на каналот „Телеграм“ одговори дека е „подготвено за најширока соработка со руските претприемачи и компании во контекст на промовирање на легитимните интереси на рускиот бизнис во странство“.

Министерството потоа додаде дека „лесно е да се види дека голем број меѓународни настани се посветени на африканската агенда“. Пригожин, одговарајќи на оваа изјава, рече дека агендата на министерството покажува „бирократија карактеристична за државните структури на Руската Федерација“.

Соопштението на Министерството ги покажува постојаните „напори на Кремљ за дискредитација и поткопување на Пригожин“, соопшти Институтот. МНР и оние поврзани со Кремљ „веројатно ќе се обидат да ги спречат сите обиди на Пригожин да добие јавна или политичка поддршка“, се додава.

Пригожин јавно го осуди руското Министерство за одбрана и военото раководство, обвинувајќи ги за „предавство“ и дека имаат намера да ја „уништат“ групата „Вагнер“ со тоа што не ги снабдуваат со муниција на украинскиот фронт. Руското Министерство за одбрана ги отфрли овие наводи.

Борците на „Вагнер“ одиграа значајна улога во руската војна во Украина, особено во Бахмут во источна Украина. Но, со оглед на „пресметката“ меѓу Пригожин и руското Министерство за одбрана, Кремљ бара алтернативни приватни воени групи кои ќе ги преземат од „Вагнер“ во Украина.

Слични содржини