Шефот на Вагнер: Руската војска се повлече кај Бахмут

од Stefanija Kuzmanovska
242 прегледи

Евгениј Пригожин, основачот на руската платеничка група „Вагнер“, која речиси една година се обидува да го освои источниот украински град Бахмут, денеска ја обвини редовната руска армија дека се повлекла 570 метри северно од градот и ги оставила крилата на вагнеровците отворени за украински контранапад.

„Ројтерс“ не можеше да ги потврди неговите наводи, а руското министерство за одбрана се уште не ги коментираше.

Силите на „Вагнер“ го предводеа нападот на Бахмут во една од најкрвавите и најдолгите битки во војната, која Москва сè уште ја нарекува „специјална воена операција“. Во последните неколку месеци, единиците на редовната руска армија им пружаа поддршка на вагнеровците во и околу Бахмут.

Пригожин, кој претходно го обвини руското министерство за одбрана и водечките генерали дека не прават доволно за да ги поддржат неговите платеници, денеска побара од министерството за одбрана „да направи се за да ги заштити крилата на линијата на фронтот“ по, како што тврди, повлекувањето на единици на руската армија.

„За жал, војниците на руското министерство за одбрана се повлекоа на 570 метри северно од Бахмут и ги оставија нашите крила отворени“, рече Пригожин во гласовната порака објавена на социјалните мрежи.

„Апелирам до раководството на министерството за одбрана – јавно – затоа што никој не ги чита моите писма“, рече Пригожин, а потоа им се обрати на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот на армијата Валериј Герасимов: „Ве молам, не им ги препуштајте на нив (на Украинците, оп.а.) нашите страни“.

„Вагнер“ тврди дека освоил голем дел од уништениот град, иако со огромни загуби. Но, украинската армија тврди дека во последните неколку дена окупирала десетици квадратни километри околу Бахмут.

Слични содржини