Шефовите на дипломатиите на Хрватска, Австрија и Словенија согласни: „Западен Балкан што побрзо во ЕУ“

од Stefanija Kuzmanovska

Западен Балкан треба да се интегрира во ЕУ бидејќи тоа е најдобриот начин да се стабилизира ситуацијата во тој дел од европскиот континент, објавија во понеделник шефовите на дипломатиите на Хрватска, Австрија и Словенија.

Во заедничката колумна објавена од медиумите во БиХ, министрите Гордан Грлиќ Радман, Александар Шаленберг и Тања Фајон истакнаа дека руската агресија врз Украина ја направи ЕУ уште поатрактивна за земјите од Источното партнерство – Украина, Молдавија и Грузија, додека во исто време земјите од Западен Балкан се соочуваат со невидени закани за стабилноста и зголемени надворешнополитички сомнежи.

Затоа, министрите го поздравуваат новиот пристап кон проширувањето на ЕУ, кој, за разлика од претходните периоди, дава поголемо значење на геостратешката перспектива со помала бирократизација. Тие додаваат дека минатогодишната одлука за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина била заснована на стратешки размислувања.

„Но, неопходно е да се истакне дека овој стратешки пристап не смее да значи намалување на стандардите на проширувањето на ЕУ. Целосното спроведување на реформите и понатаму останува клучно“, е мислењето на тројцата министри за надворешни работи.

Воедно појаснија кои конкретни чекори треба да се преземат без одлагање. Како прв чекор ја наведуваат потребата Европската унија да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина до крајот на оваа година.

Втората е дека Црна Гора мора да го продолжи својот реформски пат кон ЕУ, што зависи од формирањето на новата влада во земјата, а третата е напредокот што треба да се постигне во преговорите со Албанија и Северна Македонија.

Сите членки на ЕУ повикаа на „покреативни“ и „динамични“ односи со земјите кои пристапуваат врз основа на фер и ригорозни услови, но и на некаква интеграција веќе сега, на пример преку учество на министри од регионот во работата на Советот за надворешни работи на ЕУ.

„Проширувањето на ЕУ не е една од политичките опции. Тоа е денес – геостратешки императив“, заклучија Грлиќ Радман, Шаленберг и Фајон.

Слични содржини