Шегата за компаративна анализа на цените како владина мерка против поскапувањата

од Nikola Popovski
123 прегледи

Македонија веќе 8 месеци ги живее најлошите времиња во својата историја како држава. Од 8 мај до денес овде веќе не се знае дури и дали кога нешто што кажува оној што е премиер е шега, а кога евентуално можеби е сериозен во јавните говори. Многу е тешко да се направи разлика дали тоа што го зборува е најнова шега, нова за тој ден или сепак сериозно го мисли кажаното како намера за дејство на владата, режимот. Фантазмагорични 8 месеци живееме, но за каква-таква утеха нераскинливо поврзани, проникнати со хумор како природна, спонтана реакција на се што доаѓа од владата на мицковистичко ДПМНЕ, ВЛЕМ и ЗНАМ.

Најновата шега од премиерот е една од предложените мерки во врска со прескапите цени на храната во продавниците, кои континирано ставаат се поскапи и посапи надвор од секоја економска логика. Јас лично мислам дека сепак оваа мерка мора да е шега – поинаква интерпретација просто е нелогична. Конкретно, станува збор за најновата мерка која оној ќе ја предложел на седница на Владата и која е, верувале или не, следнава: „… сите ланци на супермаркети, хипермаркети да имаат јавна веб страна, транспарентна на којашто ќе ги објават сите цени, на сите производи коишто ги имаат во своите маркети, за да можат граѓаните да видат јасно колкави се цените и тие самите да одлучуваат, како што имаат некои земји во светот и да ги следиме ние тие трендови и да правиме некаков хистограм на движење на тие цени – изјави Мицкоски“ (Цитирано според парталчето република, вторник, 11.02.2025).

Не се смејте, да, токму ова го кажал вашиот премиер. И еве, за миг да се трансцендираме во имагинарната реалност на оваа ајнштајновски генијална мерка за справување со високите цени на маркетите, и да замислиме како би изгледал едн наш ден во диктатрскиот режим на северна македонија. Ден во кои ќе успееме да проживееме полесно, следејќи ја покорно оваа мерка на премиерот. Ден во кои ќе заштедиме, и така соодветно ќе одговориме на проблемот со перманентните поскапувања.

Значи, како би изгледал денот на еден сеуште нормален човек во Северна Македонија во режимот на мицковистичко ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ? Па еве вака некако: во сабота наутро земате лист хартија и пенкало, седнувате и пишувате, планирате што ви треба за ручек и вечера тој ден (сабота), и за појадок, ручек и вечера во недела. Правите список на продукти, храна што треба да ја купите (без црешни и гројзе, се разбира, па ете дури ниту премиерот не јаде црешни и гројзе зимно време), и потоа сурфате на интернет страните на големите маркети,согласно мерката на Владата. И таму гледате, на пример, дека килограм компири во Веро е 49 денари, во Тинекс е 47 денари, во Кам 45, а во Жито маркет 43 денари. Потоа гледате колку е литар млеко во Кам, па во Стокомак, итн. Па гледате и запишувате дека пола килограм замрзнат грашок во Веро на пример е 68 денари, во Кипер е 59 денари, во Кам е 56 денари, итн. Откако ќе направите список на најниски цени на сите производи споредбено и сте изгубиле половина час одите прво во Веро, да купите компири бидејќи таму се најевтини, па одите во Кипер да купите моркови бидејќи там компаративно се најевтини, па одите во Тинекс да купите шунка бидејќи таму е најевтина, итн…Е сега, бидејќи сите тие маркети не се едни до други, морате да патувате неколку километри од Тинекс до Веро па до Кам па до Жито маркети па до Кипер… и така помина половина ден. Ама сте заштедиле – дали сто дали двеста денари, посебно ако не сте платиле паркинг или автобски билет, а времето и онака е релативно, учеше Ајнштајн. Па, чуму ви е време кога можете во простор наречен Северна Македонија да уживате во животот со поефтина храна следејќи ја оваа генијална мерка на уште погенијалната ни влада и премиер! Не се смејте, можеби е сепак сериозен, којзнае, можеби и тој самиот не знае кога се шегува а кога зборува сериозно, као што ние не знаеме еве веќе 8 месеци!

Се разбира, сите ние знаеме дека оваа влада од првиот ден работи и делува во полза на профитерите, олигарсите, големите компании и нивните профити. Буквално сите економско-финансиски одлуки беа исклучиво во нивна корист, и така и ќе остане, немајте сомнеж. Како што веќе објаснив во претходната колумна, веројатно проценката е на режимот е дека со нивна помош, на олигархијата, ќе ја одржуваат власта, а не со помош на народот. Со милиони евра можеби можат да се „купат“ гласачи, дел преку гебелсова пропаганда 24/7, дел преку маркетиншки трикови за припрости гласачи, итн. Потребите на народот, обичните луѓе, не се битни, тие и онака, докажано наназад веќе 8 години, во најголем број пак ќе гласаат за мицковистичко ДПМНЕ.

Дека со децении ќе ги трпиме шегите на оној и неговото дпмне како апсолутна власт станува извесно посебно после откривањето на долгоочекуваната политичка стратегија на новото раководство на СДСМ. Нивниот генерален секретар вели дека тие, СДСМ, се конструктивна опозиција (додуше, тоа не е нешто ново, го знаеме тоа еве веќе 8 месеци, такви се) и дека немаат проблем да седнат на маса со власта да разговараат. На локалните избори ќе имале програма со посебен акцент и понуда за младите (цитирано според порталот Пулс24мк). Генијално, нели? Ако претпоставиме дека не е шега ова што го кажува генсекот на СДСМ, тоа значи дека конструктивно ќе делуваат при сите шеги на режимот кои реално го прават се потежок животот на луѓето во оваа држава. Конструктивно ќе разговараат со режимот додека целосно ги окупираа институциите на системот, кога практично нема независни и објективни медиуми, кога е целосно закочен ЕУ интегративниот процес, кога цените во маркетите растат секојдневно а мерките се компаративна анализа на цени во маркети, кога судско-обвинителската трета власт се партизира што значи дека нема разлика и контрола меѓу извршната, законодавната и судската власт и што по дефиниција е диктатура, итн. Ако воопшто и ги повикаат на разговор –  па што има да разговараат со конструктивна опозиција (инаку, самиот израз е contradictio in adjecto, конструктивна опозиција е нешто како дрвено железо дури и во Финска и Данска), тие ќе поддржат се, нели, конструктивно. И така, додека конструктивната опозиција чека режимот да ги викне на разговор, цените секој ден се зголемуваат, инфлацијата дивее, ќе дојде сабота и може барем да почне компаративното патешествие по пониски цени низ маркетите, според мерката на нашата Влада. Господ си замина од ова парче земја пред 8 месеци и разбирам зошто.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини