Шекеринска: Армијата е меѓу институциите во кои граѓаните имаат највисока доверба

од Берта Китинска
247 прегледи

Убедена сум дека ова наше сојузништво и партнерство во кое покажавме дека се можни резултати на секој план, ќе продолжи како и денес. Да Ви посакам да ја носите оваа униформа со чест и достоинство и како силно и секојдневно потсетување дека посветената работа секогаш носи резултат, нагласи министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната промоција на новите униформи за припадниците на Армијата, во скопската касарна „Илинден“.

Здравствената криза што го зафати нашето целокупно општество, потенцираше, не ги намали инвестициите во одбраната, моите заложби секојдневно и покрај вонредната состојба беа да се реализира една од покрупните набавки што ги преземавме заедно со оклопните возила, а тоа беше набавка на нови униформи и тие се веќе наша реалност, токму како што доликува на припадници на Армија членка на НАТО.

Моја задача беше, подвлече таа, и се борев за подобар закон, подобри услови за пензија, повеќе пари во Армијата и во одбраната, за поголемо достоинство на секој припдник, а вие, потенцира, се боревте со работа, во мисии во време на корона, во време на во кризни состојби.

– Заедно во такво партнерство и таков сојуз ја испишавме влезницата за НАТО, заедно го вративме достоинството во оваа професија. Навистина сум горда на овие заеднички достигнувања, рече министерката Шекеринска.

Таа им честита на целиот ангажман, особено во корона кризата и им порача дека и оваа битка ќе ја добиеме и ќе излеземе посилни и побогати за едно искуство. Потсети дека воено медицинскиот центар е се уште на терен и им посака силен дух, успех и пред се здравје.

Шекеринска наведе дека сме на крајот на долгата и исцрпувачка вонредна состојба што првпат беше прогласена на 18 март оваа година. Наведе дека Армијата заедно со здравствените работници, со полицијата одигра една од клучните улоги во овој тримесечен период.

– Бевте секаде каде ја бараа вашата поддршка. Како никогаш досега Армијата беше блиска и сплотена со својот народ затоа не ме изненадија истражувањата на јавно мислење кои покажаа дека Армијата е меѓу институциите во кои граѓаните имаат највисока доверба, а од државните институции на самиот врв. Доверба која ја примивме навистина за вашите дела ви честитам и ви благодарам, се обрати пред присутните министерката за одбрана.

Според неа, последниот период од неколку месеци можеби е најсликовит пример зошто секогаш треба да вложуваме во Армијата.

– Верувам во партнерства и сојузи кои се потребни, прогресивни и принципелни, така влеговме во НАТО со работа со принципи со реформи и со резултати, потенцира Шекеринска.

Платата и приходите денеска во Армијата, истакна Шекеринска, се зголемени помеѓу 50 и 60 проценти. Зборуваме за нова опрема, веќе долго време, рече Шекеринска, ги користите новите чизми, дневници се исплаќаат на сите и се втор пат зголемени, а колегите инженерци во оваа касарна по 16 години добија нови машини, кои видовме како им помагаат на граѓаните и како го модернизираат полигонот Криволак. Два објекти во оваа касарна се реновираат, подвлече таа.

– Ветив пред Вас повисоки плати, платите во Армијата растеа три пати, растеа сите приходи на сите припадници, ветив седум илјади денари станарина, денеска сите оние кои ги исполнуват условите примаат станарина повисока од осум илјади секој месец, говореше Шекеринска.

Додаде дека МО денес е на самиот врв по транспарентност и согласно тоа по интегритет.

– Само така можеме да градиме успешно општество, ослободено од стегите не корупцијата, на криминалот, само така можеме да ја јакнеме безбедноста и безбедносната култура помеѓу институциите во оваа област. За да бараме секоја година повисоки буџети треба да покажеме дека секој денар на граѓаните го трошиме наменски, со јасна цел, рече меѓу другото министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Слични содржини