Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска пред почетокот на лидерскиот Самит на НАТО се сретна со министерот за одбрана на Норвешка, Франк Баке Јенсен. На средбата беа потврдени одличните билатерални одбранбени односи помеѓу двете земји.
„Кралството Норвешка многу пати досега покажа дека е наш вистински пријател и сојузник. Обуката на македонскиот медицински тим во Норвешка и нивното учество во мисијата во Авганистан и работа во норвешката болница во Кабул е пример за сојузничка соработка и развивање на колективната безбедност. Северна Македонија до 2028 година треба да развие НАТО способност во форма на хируршки тим кој ќе стои на располагање како НАТО ресурс. Искуството што го стекна македонскиот воено медицинскиот тим, знаењето што го доби од норвешките колеги, за таа цел е од непроценливо значење”, рече министерката Шекеринска на состанокот.
Успешното заедничко упатување на воено-медицинскиот тим во Авганистан, континуираната поддршка од Норвешка во периодот на пандемијата, како и помошта во доменот на градењето интегритет и развојот на Регионалниот центар за односи со јавноста, кој е и НАТО – сертифициран центар се само дел од примерите со кои двете земји покажуваат како се зацврстува единството во НАТО, заклучија министрите Шекеринска и Баке Јенсен.
Средбата на министрите за одбрана се реализираше во пресрет на лидерскиот Самит на Алијансата кој е клучен за развојот на НАТО. Главна тема на Самитот е иницијативата НАТО 2030, зацврстувањето на колективната одбрана, зајакнувањето на отпорноста на општествата на новите предизвици и развојот на технологијата која има сè поголемо влијание во изградбата на одбранбените капацитети и способности.