Поранешната вицепремиерка и поранешна министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и официјално ја презеде функцијата заменик генерален-секретар на НАТО, односно втор човек во Алијансата.
„Радмила Шекеринска ја презеде функцијата заменик генерален секретар на НАТО на 2 декември 2024 година. Како поранешен вицепремиер и министер за одбрана на С.Македонија, г-ѓа Шекеринска има огромно искуство како креатор на политики и создавач на консензус. Таа е шампион на родовата рамнотежа и постојан поддржувач на силни трансатлантски односи“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Алијансата.
Меѓу другото, се наведува дека како министерка за одбрана била клучна во подготовката на С.Македонија за влез во НАТО.
„Под нејзино водство, С.Македонија го зголеми својот придонес во мисиите и операциите на НАТО, вклучувајќи ги Авганистан, Косово, Ирак и зголеменото присуство на НАТО во Летонија. Во 2020 година, С. Македонија стана 30-та членка на НАТО и успешно постигна целосна воена интеграција во НАТО за помалку од 19 месеци“, посочуваат оттаму.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на 19 ноември годинава ја назначи Шекеринска за следен заменик генерален секретар, нагласувајќи дека таа вистински верува во Алијансата.