„Кога ДПМНЕ беа на власт поднесуваа кривични пријави за да ја заплашат јавноста, а сега ги поднесуваат за да ја замајуваат. Но мотивот за денешните пријави е друг. Нервоза е во прашање и тоа од две причини“, објави денес министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, како реакција на денешната прес-конференција на членот на извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, кој соопшти дека како партија поднеле три кривични пријави, две против актуелната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и една против раководно лице во Министерството за одбрана.
Според неа, првата причина е што лицето кое одлучи да биде партиски војник, а не армиски војник, се води дисциплинска постапка поради закани кон началникот на Генералштабот на Армијата.
„Втората е што наскоро согласно измените во Законот за служба во Армијата, тој ќе треба да одлучи дали ќе ја соблече армиската униформа бидејќи му е поважна партиската. Жалосно е што тој и денес со голема леснотија ја отфрли армиската чест само за да служи на една мала група на луѓе. Оваа црна пропаганда против Армијата на сопствената татковина, во период кога постигнувањата се видливи на дневна основа, не се ништо друго освен непријателски чин против угледот на Армијата, довербата на граѓаните, но и атак врз безбедноста на земјата. Тоа е неприфатливо однесување од било кого, а најмалку од висок воен старешина“, стои во реакцијата на министерката.