Шекеринска: Куманово станува седиште на Командата на Бригата на Југоисточна Европа

од Берта Китинска
318 прегледи

Куманово станува седиште на Командата на Бригата на Југоисточна Европа (SEEBRIG), рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска во кумановската касарна „Боро Менков“, каде имаше обраќање во врска со отпочнувањето со работата на Командата на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG) во Република Северна Македонија.

– Навистина ми е задоволство што денеска можам да кажам дека Куманово станува седиште на една од најзначајните регионални иницијативи, бригадата на Југоисточна Европа. И во следните шест години ова ќе биде местото, зградата, која што е зад нас ќе биде местото каде што ќе е лоцирана оваа бригада како главен дел од иницијативата која што е почната пред речиси 22 години и во која како држава сме учествувале и сме ги учеле првите лекции на меѓусебна соработка и развој на заеднички одбранбени капацитети, рече министерката.

Таа додаде дека SEEBRIG на некој начин се враќа дома, бидејќи во далечната 98 година во Скопје е одржана конференцијата и е потпишан договорот со којшто е формирана оваа бригада и изрази задоволство што после толку години Република Северна Македонија, станува домаќин на бригадата на Југоисточна Европа. Државата ќе биде домаќин на претставници на шест држави и шест армии кои соработувале и ќе соработуваат во доменот на одбраната.

Таа потсети дека оваа година, иако беше обележана со корона-кризата  дала две причини за славење, во делот на одбраната.

-Едното беше нашето членство во НАТО после 30 години чекање, 30 години напори и работа и второ е токму ова, после 22 години учество во иницијативата, SEEBRIG, да бидеме ние домаќин на оваа бригада-нагласи министерката.

На попладневната церемонија која ќе се одржи во Куманово ќе биде подигнато знамето на командата.

– Шест години ова знаме ќе се вее токму во Куманово и ние ќе покажеме дека можеме да бидеме професионални, одлични, многу кооперативни домаќини. Ова е иницијатива во којашто сите учеснички, освен нас уште претходно успеале да станат членки на алијансата. За нас беше потребно повеќе време но ние не престанавме да соработуваме со останатите учесници, и тоа беше шанса многу побрзо да се подготвуваме за членството во НАТО. Сега, кога сите членки на оваа иницијатива се и членки на НАТО, ќе можеме и во нашиот регион меѓутоа и во рамките на НАТО алијансата да покажеме дека сме и сојузници, но пред сè сме мудри и добри соседи, рече Шекеринска.

Таа изрази задоволство и како министер за одбрана и од име на Владата, поради успехот во навистина брз рок да се подготват за овој важен проект.

-Можете да видите дека зградата зад нас е целосно реконструирана за да буквално понудиме квалитетно добредојде на сите членови на оваа бригада. Ние и досега сме учествувале со штабни офицери, во еден период практично првиот човек на бригадата бил офицер, бригаден генерал на нашата армија, но се разбира дека и сега началникот на штаб во следните години исто така ќе биде претставник на Армијата на РСМ. Ова покажува дека кога сакаме и кога ќе се организираме и кога ќе дадеме максимум дека навистина можеме да ги постигнеме резултатите коишто ги заслужуваат нашите граѓани, рече министерката.

Таа и посака добредојде на командата и истакна дека ова е ново и важно искуство, посочувајќи дека е прв пат, државата да е центар на една регионална иницијатива, но дека за прв пат сме центар и домаќин на  голема регионална иницијатива, во која има околу 40-тина претставници на соседни војски, кои ќе работат и живеат заедно со своите семејства во следните шест години

– Ова е добар влог во нашата нова улога како членка на НАТО, додаде министерката.

Слични содржини