Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, денес во разговор со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Петер Соренсен, нагласила дека Западниот Балкан е регион од стратешко значење за Алијансата, како и дека НАТО целосно го поддржува дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, предводен од ЕУ.
Таа ја истакнала важноста на партнерството меѓу НАТО и ЕУ во одржувањето на мирот и стабилноста во Косово и пошироко.
„Преку мисијата КФОР, НАТО продолжува да прави што е воено можно на терен за да го заштити мирот, во корист на сите луѓе што живеат во Косово. Но, конечното решение за трајна регионална стабилност е политичко. За таа цел, НАТО продолжува целосно да го поддржува дијалогот предводен од ЕУ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и напорите на специјалниот претставник Соренсен“, рекла Шекеринска, се наведува во соопштението на Алијансата.
Таа, исто така, споменала дека соработката меѓу НАТО и ЕУ е одлична.
Шекеринска нагласила дека континуираната координација ќе биде клучна за напредокот на дијалогот предводен од ЕУ и дека сојузниците се согласиле да ја зголемат својата поддршка за напорите на ЕУ за нормализирање на односите.