Шекеринска: Ние немаме комплекс, тоа што сме Македонци и говориме македонски јазик никој не може да ни го одземе

од Берта Китинска
359 прегледи

Министерката Радмила Шекеринска во интервју за Утрински брифинг изјави дека бугарското вето и наштети на Северна Македонија на кредибилитетот на Европската Унија, но и на стратешката позиција на Бугарија во регионот

На прашањето дали во оваа ситуација може да се заборави и да се „бугаризира“ европската агенда во земјава, поради разочарувањето на граѓаните, Шекеринска рече дека внатрешните реформи нема да запрат.

– Ние имаме обврска да имаме и добри односи со соседите, но имаме пред се обврска да си ги тераме домашните работи со силно темпо и не мислам дека ќе дозволиме, како велите, вие да се „бугаризира“ внатрешната реформа или европската реформа во државата. Она што мислам дека е важно е дека во моментов неподелен е ставот во Европската Унија дека ветото им штети на сите и дека треба да се надмине, и тоа да се надмине не следната година туку по можност до крајот на годинава и германското претседателство тука реално помага, истакна министерката.

Таа потенцираше дека во оваа тешка ситуација Владата го нема луксузот да се жали, туку мора да го решава проблемот.

– Најлесно e сега да дигнеме раце, да влеземе во нова кавга и да замрзнеме уште еден спор. Наша задача е сега да си го работиме нашето дома и тоа со позасилено темпо и наша задача ќе биде да покажеме дека знаеме што сакаме. Ние немаме комплекс. Тоа што сме Македонци и што говориме македонски јазик, тоа никој не може да ни го одземе и тоа покажавме дека знаеме да го зачуваме. Ама, за многу теми треба да најдеме начин како ќе ги решаваме, порача Шекеринска.

Таа наведе дека Бугарија го чувствува притисокот и одговорноста и од сигналите кои доаѓаат од бугарски експерти кои согледуваат дека Бугарија прави стратешка грешка и, како што велат, „од пасивно конструктивна се претвора во пасивно агресивна земја“. Но, предупредува Шекеринска, ние не треба да спиеме на увото дека во моментот никој не ја разбира Бугарија, ги имаме симпатиите и не треба да преземаме ништо.

 

Слични содржини