Заменик-генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, се обрати на денешната годишна конференција на Европската агенција за одбрана (ЕДА) „Нови хоризонти во одбраната на ЕУ“ во Брисел.
Таа го пофали продлабоченото партнерство меѓу НАТО и Европската унија (ЕУ) во последните години и повика на уште поблиска соработка.
„Во ова опасно време за нашата безбедност, зајакнувањето на нашата соработка е од суштинско значење“, рекла таа, стои на официјалниот сајт на НАТО, подвлекувајќи дека одбраната на ЕУ е од „огромно значење за НАТО, бидејќи е нераскинливо поврзана со трансатлантската безбедност“.
„Соочени со растечката стратешка конкуренција и дестабилизирачките кампањи против нашата безбедност и начин на живот, зголемувањето на инвестициите во одбраната и зајакнувањето на одбранбеното производство се приоритет за да се осигура дека земјите во Европа ќе останат безбедни, навела Шекеринска.
Таа ги поздравила засилените напори на ЕУ за зајакнување на европската одбранбена индустрија, стекнување на многу потребните способности и зајакнување на отпорноста.
-Г-ѓа Шекеринска ја истакна важноста НАТО и ЕУ да работат рака под рака за да се избегне дуплирање на напорите и да се идентификуваат повеќе можности за искористување на уникатната експертиза, алатки и ресурси на едни со други, објавија од најголемата воена алијанса во светот.
Таа, исто така, го охрабрила „најцелосното можно“ вклучување на одбранбените индустрии на сојузниците кои не се членки на ЕУ, кои придонесуваат за суштинско технолошко знаење и ги обезбедуваат итно потребните способности.
Шекеринска и официјално ја презеде функцијата заменик-генерален секретар на НАТО на 2 декември 2024 година. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на 19 ноември годинава ја назначи Шекеринска за негов заменик-генсек, нагласувајќи дека таа вистински верува во Алијансата.