„Ако се вратиме назад 20 години ќе се потсетите дека Охридскиот договор не беше договор кој што за многумина беше популарен и постоеја големи сомнежи и постоеше голема скепса главната од тие скепси беше дека тој давајќи повеќе права на етничките заедници ќе ја зголеми дистанцата, ќе ја зголеми одвоеноста на заедниците во државата и ќе ја намали кохезијата“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на тематската седница посветена на јубилејот од Рамковниот договор, но, како што додаде таа, се случило спротивното, па и покрај уставните одредби и покрај законските обврски кои даваа права на заедници, тој успеа да создаде политичка клима на заедништво и на една држава која што има внатрешна кохезија.
-Се сеќавам на некој од првите чекори кои беа во фазите на имплементација на Охридскиот договор, беа зголемување на учеството на немнозинските заедници во полицијата и во армијата и тоа се сметаше и за ризично и за проблематично, чинеше многу пари, мислам дека 20 години подоцна веќе во последниве 10 години сме свесни дека тоа е една од најголемите силни аргументи во полза на подобро функционирање и на армија, сигурна сум истото може да се каже и на полицијата, кажа Шекеринска, нагласувајќи дека правичната застапеност, како и зголемените ингеренции на општините биле многу контроверзни теми кои денес се вредност плус.
Според министерката за одбрана Охридскиот рамковен договор е единствениот балкански договор кој се смета за успешен и според она што било дискутирано и на Преспа форумот и на дискусиите што ги имала со луѓе кои го разбираат Балканот, велеле дека малку бил различен патот да се дојде до Охридскиот договор, многу рискантен, меѓутоа клучната разлика помеѓу Охридскиот договор и останатите договори е имплементацијата.