Шекеринска: Опозицијата да не го кочи, законот за служба во Армијата решава реални проблеми

од Берта Китинска
246 прегледи

Законот за служба во Армијата е закон којшто навистина еден дел од припадниците го чекаат како реална потреба да решат сериозен проблем, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска и повика да се откочи донесувањето на Законот за служба во Армијата во Парламентот.

Таа истакна дека за тоа разговарала со пратеници од опозицијата во текот на седницата во четвртокот за пратенички прашања и дека кажала оти е подготвена за компромис за сите прашања каде што е тој возможен.

– Не сум ниту тврдоглава, ниту желна да биде така како што сме предложиле, ама мора да биде подобро, не смее да биде полошо. Јас се надевам дека откако излегов со некои предлози, со некои можни компромисни решенија се надевам дека ќе имаат слух за седумте илјади луѓе кои ги викаме секојпат кога ќе згусти. Седум илјади луѓе кои при секоја криза се на улица, се по планини, гасат пожари, се вклучени во најтешките активности како држава. Сега е момент да им вратиме, вели Шекеринска.

Таа потсети дека Законот во прво читање е поминат и нагласи оти не мисли дека ова решение треба да се бара надвор од Собрание.

– Во Собрание го дискутиравме, во Собрание сите го поддржаа во прво читање, верувајте една критика немаше. Јас сум била во Собрание, знам како на нож се дочекуваат одредени измени во коишто ќе има малку разлики и значење. Сите кажаа дека одредбите се добри. И за жал, одредени политички структури потпаднаа под влијание на луѓе кои ем сакаат да носат армиска униформа, ем сакаат да не и помагаат на армиската униформа со која што го делат животот, рече министерката Шекеринска.

Слични содржини