Шекеринска: Приемот на Украина во НАТО е многу важно и тешко прашање

од Nikola Popovski
469 прегледи

Кога безбедноста е загрозена, ништо не е поважно, изјавила денес заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, на средбата со млади лидери од сите земји членки и партнери на Алијансата во црногорскиот град Будва.

-НАТО останува одбранбен сојуз, но историјата уште од античко време покажува дека ако сакаме да избегнеме војна, мора да бидеме подготвени за војна. Ако покажеме сила, единство, решителност и способност да го заштитиме секој сојузник, ќе ја постигнеме оваа цел, додала Шекеринска.

Вториот човек во НАТО истакнал дека претстојниот самит на НАТО во Хаг во јуни ќе биде посветен првенствено на прашањето за зголемување на воените трошоци и капацитетите за производство на одбраната.

-Некои од сојузниците, особено соседите на Русија, достигнаа 4-5 проценти од БДП во трошоците за одбрана. Во време на предизвици, мора да донесуваме тешки одлуки, што значи повеќе инвестирање во одбраната, додаде заменик-генералната секретарка.

-Мора да ги имаме потребните капацитети, ќе продолжиме да ги зголемуваме трошоците за одбрана. Живееме во опасни времиња, војната во Украина продолжува, а интеракцијата на Русија со Северна Кореја, Иран и Кина покажува колку е важно да ја развиваме нашата одбрана како сојузници со споделени вредности и интереси, порача Шекеринска.

На прашањето за можностите за приклучување на Украина кон НАТО, таа го даде примерот на Македонија, која 30 години чекаше да стане дел од најголемата воена алијанса.

-Приемот на Украина во НАТО е важно и многу тешко прашање. Проширувањето на пактот е сложен процес. Во тешки времиња, не смееме да ја изгубиме надежта, повика Шекеринска и додаде дека Западниот Балкан останува од стратешко значење за алијансата.

-Не е доволно што нема војна. Зборовите се важни. Регионот денес е мирен, се движи кон ЕУ, но сè уште гледаме изјави насочени кон поделба, национализам и сепаратизам, а тоа не се само зборови. Понекогаш зборовите се поопасни од оружјето бидејќи можат да доведат до насилство, констатира поранешната македонска министерка.

Слични содржини